• сабота, 23 ноември 2024

„Џонсон Мети“ се вклучи во одбележувањето на платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора

„Џонсон Мети“ се вклучи во одбележувањето на платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора
Скопје, 17 мај 2022 (МИА) - Британската амбасадорка во Северна Македонија Рејчел Галовеј и директорот на „Џонсон Мети“ во земјава Боријан Борозанов присуствуваа на засадување дрво пред зградата на компанијата во Скопје. „Џонсон Мети“ со оваа акција учествува во иницијативата за засадување 70 дрвја на национално ниво по повод платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора. Според Борозанов, ова ја нагласува посветеноста на „Џонсон Мети“ за одржливост и заштита на животната средина. -Огромно задоволство е што нашата компанија „Џонсон Мети“ е една од 70-те компании и институции во Северна Македонија вклучени во одбележување на овој настан. Соодветно е и „Џонсон Мети“, водечкиот светски рециклатор на метали од платинската група, да се вклучи во прославата на платинестиот јубилеј, одбележувајќи ги извонредните 70 години на британскиот трон за кралицата Елизабета Втора, изјави Борозанов. Тој нагласи дека сите треба да бидеме свесни дека секое засадено дрво придонесува за заштита на животната средина. Британската компанија „Џонсон Мети“ ја користи науката за да создаде почист, поздрав свет. Тие се светски лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето. „Џонсон Мети“ работи во над 30 земји ширум светот и вработува повеќе од 15 000 луѓе. Една третина од сите нови возила ширум светот имаат катализатори од „Џонсон Мети“. мд/лв/

Остани поврзан