• вторник, 24 декември 2024

Џаферовиќ: Побарав од ЕУ да и додели кандидатски статус на БиХ

Џаферовиќ: Побарав од ЕУ да и додели кандидатски статус на БиХ

Брисел, 23 јуни 2022 (МИА) - Претседавачот со Претседателството на БиХ, Шафик Џаферовиќ денеска во Брисел изјави дека побарал од ЕУ на Босна и Херцеговина да и додели статус на кандидат за членство во Унијата, додавајќи дека ако некоја земја заслужува да го добие тој статус, тоа е БиХ.

По Самитот ЕУ-Западен Балкан, Џаферовиќ изјави дека на средбата била отворена дискусија, која секако покажала дека постои јасна и недвосмислена европска перспектива на сите земји од Западен Балкан за членство во ЕУ.

- На државите им е дадена поддршка во исполнувањето на условите и колку побрзо ги исполнат условите, толку побрзо ќе станат членки на ЕУ и тоа денеска е сосема јасно, рече Џаферовиќ.

Тој додаде дека на средбата посочил и дека би било неправедно БиХ да биде изоставена од статусот кандидат за членство, откако Европската комисија одлучила да му предложи на Советот - на Украина и на Молдавија да им се додели тој статус, за кој рече дека е очигледно направено од геостратешка и геополитичка причина.

„Мислам и реков дека би било неправедно БиХ да биде изоставена од доделување кандидатски статус, исто така од геостратешки и геополитички причини, имајќи предвид низ што помина БиХ. Побарав од Советот да и додели кандидатски статус на БиХ и не знам дали тоа ќе биде случај“, рече Џаферовиќ.

Тој додаде дека не знае каква одлука ќе донесе Советот, но дека во моментов може со сигурност да каже дека во иднина ќе има многу поблиски односи меѓу земјите од Западен Балкан и администрацијата на ЕУ. паг/

Остани поврзан