• сабота, 23 ноември 2024

Џафери: Нема да дозволам отстапување од надлежности дефинирани со Уставот

Џафери: Нема да дозволам отстапување од надлежности дефинирани со Уставот

Скопје, 28 јануари 2024 (МИА) - За мене, како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за еден или 100 дена, за техничка или преодна Влада. Сакам да ве уверам дека во ниту еден миг нема да дозволам да отстапиме од тоа што значи функционална и доверлива институција за граѓаните и институција со јасни надлежности дефинирани со Уставот во однос на другите столбови на власта во Република Северна Македонија, истакна во експозето мандатарот на техничката Влада Талат Џафери пред пратениците на седницата за избор на оваа Влада. 

Џафери повтори дека го прифаќа мандатот со задоволство и полна одговорност, со ветување дека совесно и врз основа на Уставот и законите, Владата и преговорите за нејзино формирање ќе ги води согласно политичката потреба и состојба во државата,  со надеж дека предложените министри ќе ги исполнат очекувањата на актуелната ситуација и над се, со одговорност кон граѓаните. 

Овој состав на Владата го предлага врз основа на меѓусебниот политички договор помеѓу лидерите на најголемите политички парламентарни партии во Собранието, што од 4 декември 2023 година, кога се дефинираше рокот за одржување на редовните претседателски избори на 24 април и 8 мај и на редовните парламентарни избори на 8 мај 2024 година и се донесе одлука за формирање на преодна Влада.

Приоритет на оваа преодна Влада е одржување на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, но Џафери рече дека тој и Владата што ќе ја предводи се обврзуваат на продолжување на усвоените политики на претходната Влада на премиерот Димитар Ковачевски.

Владата, како што кажа, има мандат за реализација на истакнатите приоритети врз основа на стратешките определби за целосна и забрзана интеграција и полноправно членство на државата во Европската Унија до 2030 година; за успешно функционирање и придонес за заедничката државна, регионална и европска колективна безбедност во рамките на НАТО Сојузот; за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзувањето на растот и економскиот развој преку јасните индикатори во 2024 година, како и целосното продолжување на успешните политики, инструменти и одлуки за поддршка на социјалните, здравствените, образовните, културните и цивилните потреби и приоритети на сите граѓани.

Работата на Владата ќе се заснова врз начелата на целосно почитување на Уставот и законите, подготовка и успешно спроведување на редовните слободни, фер, демократски и конкурентни претседателски и парламентарни избори со највисоките стандарди на ЕУ, на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа, континуитет во спроведување на успешните Владини политики и програми во 2024 година, одржување на висок степен на дијалог, отвореност, отчетност и инклузивност во својата работа и комуникација со сите институции и граѓаните, одржување и унапредување на стратешкото партнерство на Република Северна Македонија со Европската Унија, НАТО Алијансата и САД и целосно спроведување на принципите и одлуките од Договорите важни за меѓу-етничките односи, внатрешната кохезија и стабилност и успешна евро-атлантска интеграција.  

За да биде доследна на овие начела, според Џафери, Владата во периодот до изборот на идната политичка Влада, ќе се фокусира на своите конкретни стратешки и државни приоритети. 

Во однос на подготовката и организирањето на слободни, фер и демократски редовни во директна, отворена и законита процедура и соработка со Собранието, ДИК и Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, ЕУ и САД, Владата, вели тој, ќе ги спроведе сите законски, институционални, организациски и оперативни предуслови за спроведување на јасната волја на граѓаните.

Што се однесува на членството во ЕУ и забрзаната европска интеграција, со цел полноправно членство до 2030 година, Владата ќе продолжи да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори. Меѓу нив се обврските што произлегуваат од одржаните билатерални скрининг состаноци, од извештајот на ЕК од скринингот за Кластер 1, како и за другите кластери кои се во процес на подготовка. Тука спаѓа и Патоказот за реформи во јавната администрација и за поглавјата за владеење на правото со Акциски план, и за подготовка на Патоказот за функционирање на демократските институции, се до нивно финализирање.

Владата, истакна мандатарот Џафери, ќе остане фокусирана на активностите кои произлегуваат од подготовката за успешно реализирање на Планот за раст, кој е дел од пакетот за проширување на ЕК и е инструмент за засилување на социо-економската конвергенција на Западниот Балкан со ЕУ и забрзување на ЕУ реформите.

-Ќе се посветиме на клучната цел на економската политика за забрзан и одржлив раст на економијата каде го издвојувам: порастот на Бруто домашниот производ (БДП) од најмалку 3% во 2024 година. Тука сакам да додадам дека предвидените капитални инвестиции ќе продолжат и во изборниот период, бидејќи придонесуваат директно за економскиот раст и развој, рече Џафери.

Техничката Влада ќе продолжи со политиките кои ќе овозможат зголемување на минималната и просечната плата, на пензиите, продолжувањето на субвенционирањето на граѓаните и бизнисот особено во делот на цената на електричната и топлинската енергија; намалувањето на цените на прехранбените производи и задржувањето на животниот стандард на граѓаните; продолжувањето на политиките за ценовна стабилизација и враќање на инфлацијата на претходните умерени и ниски нивоа; целосната соработка со институциите во монетарната политика; целосното придржување кон фискалната дисциплина и целосното исполнување на Буџетот за 2024 година, како клучен индикатор, ќе се потврди  и успехот на претходните владини политики и затоа докажаниот правец нема да се смени ниту со оваа Влада.

- Не предвидуваме ниту промена на фискалната политика и примарниот фокус ќе претставува целосниот опфат на даночните обврзници. Ќе продолжиме со директна поддршка на домашните и странските компании, затоа што тие генерираат висока додадена вредност и нови работни места. Борбата против неформалната економија нема да престане и целосната транспарентност и отчетност во управувањето со јавните финансии, ќе биде уште порешителна, рече Џафери. 

Остануваме, потенцира тој, целосно посветени на енергетската трансформација и промената на енергетската структура на државата, искористувајќи го богатиот потенцијал што го поседува Република Северна Македонија. Продолжување на работите на започнатите инвестициски проекти во инфраструктурата и завршувањето на најголемиот дел од проектите кои ќе понудат модерна инфраструктура и поврзаност, остануваат исто така приоритет на Владата. 

-Решавањето на проблемите на граѓаните во сите општини, без разлика од кого тие се предводени ќе ја ужива поддршката на централната власт. Политиката за развојно земјоделство со финансиска поддршка кон создавање услови за одржливост продолжува, исто така и исплатата на највисокиот износ од 100% за зелена нафта за земјоделците, рече Џафери. 

Во сегментот на социјалната заштита, како што кажа, останува фокусот кон принципите на социјалната правда, солидарноста и поддршката на ранливите групи, заштитата на безбедноста и здравјето при работа на граѓаните, социјалната сигурност, борбата против сиромаштијата, заштитата на децата, поддршката на развојот на Ромите, унапредувањето на родовата еднаквост, превенцијата и заштитата од дискриминација, како и изградбата и реновирањето на градинките и другите објекти за обезбедување социјална заштита на населението.

-Се разбира, ќе обезбедиме навремена исплата на пензиите и целосно ќе ја спроведеме одлуката на претходната Влада за финансиска поддршка на пензионерите со пониски пензии, со финансиска дотација и директна поддршка на пензионерите. Целосната и навремена исплата на социјалните трансфери на различните категории на корисници ќе биде согласно утврдените Програми, се обврза Џафери.

Владата, како што кажа, ќе продолжи да спроведува политики за развивање на квалитетно образование достапно на сите и да инвестира и во креирањето на модерен и одржлив здравствен систем.  

Мандатарот истакна дека владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал остануваат централни и стратегиски политики на Владата.

-Ќе ги спроведеме започнатите процеси за заокружување на домашното законодавство во релација со институционалните процеси на нашиот стратешки партнер, САД, за определување и санкционирање на лицата поврзани со криминал и корупција, рече Џафери.

Според него, препораките на ОБСЕ/ОДИХР, во соработка со Собранието, ДИК, НВО и останатите упатени институции ќе бидат појдовната точка за заокружувањето на целиот процес на имплементација на измените на изборното законодавство. 

Владата, рече тој, ќе ги преземе сите активности за целосно функционирање на Министерството за внатрешни работи и максимален придонес во одржувањето на јавниот ред и мир.

-Исто така, ќе го одржиме и унапредиме партнерството на Република Северна Македонија во рамките на НАТО Сојузот и ќе останеме доследни на Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, рече Џафери.

Меѓуетничките односи, почитувањето на граѓанските, културните, јазичните, верските и останатите посебности се одлика на заедничкото општество и моделот на едно општество за сите. 

-Знаејќи ја важноста на одржувањето на слободата на медиумите, со посебен акцент на предизборната и изборната кампања, ќе инсистираме за низ дијалог и соработка да овозможиме почитување на највисоките европски стандарди за професионално, непристрасно и објективно известување и информирање во изборниот процес, преку запазување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, рече мандатарот.

Џафери во својот говор им се заблагодари за дадената доверба, како што рече, најпрво на претседателот на ДУИ Али Ахмети, претседателот на државата Стево Пендаровски и пратениците во Собранието.

Во рамки на расправата на 141. пленарна седница за избор на техничка влада, чиј мандатар е Џафери, за збор се пријавени осуммина пратеници. ев/вј/

ФОТО: МИА

Остани поврзан