• понеделник, 16 декември 2024

Џафери на проштална средба со австрискиот амбасадор Вуцас

Џафери на проштална средба со австрискиот амбасадор Вуцас

Скопје, 19 јули 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери на денешната проштална средба со амбасадорот на Република Австрија, Георг Вуцас, ги истакнал одличните односи помеѓу нашите две земји и изразил задоволство од соработката со амбасадорот.

-Фактот дека Австрија е предводник по висината на инвестиции во нашата земја и честите контакти и посетите на официјални лица од Република Австрија, се показател на високиот степен на односите, соопштуваат од собраниската прес-служба.

Џафери, како што се наведува во соопштението, изразил надеж дека динамиката на одлични односи ќе продолжи и со новиот амбасадор на Австрија во нашата земја.

Амбасадорот Вуцас го истакнал стратешкиот интерес на Австрија за Северна Македонија и за интегрирање на целиот Западен Балкан во Европската Унија. Изразил уверување дека и неговиот наследник ќе продолжи со истата политика на целосна подршка на Австрија за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија. Воедно, изразил и интерес за процесот на уставните промени во нашата земја.

Претседателот Џафери потврдил дека инициативата за промена на Уставот е пристигната во Собранието и дека од денес течат роковите за процесуирање на истата. Тој изрази уверување дека доколку има политичка волја, целиот процес ќе може да се заврши до месец ноември оваа година.

На крајот од средбата, претседателот Џафери му посакал на амбасадорот Вуцас добро здравје и успех во понатамошниот професионален ангажман.фф/са/

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан