• среда, 25 декември 2024

Џафери во Брисел на средба со европратеници: Евроинтеграциите остануваат во фокусот на Владата

Џафери во Брисел на средба со европратеници: Евроинтеграциите остануваат во фокусот на Владата

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на техничката Влада Талат Џафери, денеска во Брисел оствари средба со европратениците Илхан Ќучук, Тонино Пицула, Тинеке Стрик и Карло Реслер. Во владината делегација, што ја предводи Џафери, се и првиот заменик на претседателот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата биле разменети мислења за европската интеграција на Северна Македонија, владините политики во пресрет на двојните избори во државата, како и за активностите на Владата што произлегуваат од подготовките за успешното реализирање на Планот за раст.

На првата посета на Брисел како премиер на техничката Влада, Џафери им посочил на европратениците дека Владата во Северна Македонија, ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост да ги спроведува сите процеси и обврски што произлегуваат од започнатите пристапни преговори со Европската Унија, во насока на забрзана европска интеграција.

Европратениците, како што се посочува во владиното соопштение, ја истакнале силната поддршка за Северна Македонија во спроведувањето на реформските процеси и членството во ЕУ.

Џафери нагласил дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на земјава, за што постои висока поддршка кај граѓаните.

-На средбата беа разменети мислења за Планот за раст, кој е од голема важност за Северна Македонија, во насока на економски напредок, отворање на нови работни места, подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и можност компаниите од државата да имаат пристап до делови од единствениот пазар на ЕУ пред членството, се наведува во соопштението.

Џафери се заблагодарил на европратениците за нивната поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, и како што е наведено  во соопштението, за свој надворешен советник го ангажирал Иво Вајгл кој со своето искуство ќе придонесе кон забрзување на европскиот пат.

-Премиерот побара натамошна поддршка од европратениците, во зајакнувањето на соработката и присуството на претставници од нашата земја во Европскиот Парламент, се наведува во соопштението од владината прес-служба. дма/бак/

Фото:Влада на РСМ   

 

Остани поврзан