• понеделник, 09 март 2026

Ќе се организира јавна расправа за Предлог‑законот за јавното обвинителство

Ќе се организира јавна расправа за Предлог‑законот за јавното обвинителство

Скопје, 9 март 2026 (МИА) - Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ја усвои Одлуката за организирање јавна расправа по Предлог‑законот за јавното обвинителство, по иницијатива на пратеничката група на ВМРО‑ДПМНЕ и Коалицијата.

Претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов, изјави дека законското решение претставува едно од најзначајните во тековниот парламентарен мандат, со оглед на тоа што, како што истакна, правосудството е „рак рана“ на системот, а особено функционирањето на јавното обвинителство.

-Ова е многу важен реформски закон. Независно од тоа од која политичка номенклатура доаѓаме, сите разговараме со граѓаните и сите знаеме дека токму јавното обвинителство е клучниот проблем поради кој бројни предмети не успеваат да стигнат ниту до судовите во Република Македонија. Затоа сметам дека реформирањето на обвинителството е суштински чекор и сериозен исчекор напред, истакна Пренџов.

Тој посочи дека е горд што Комисијата за политички систем во овој мандат воспоставила повисок стандард во организирањето јавни расправи, по однос и на бројот и на квалитетот. Според него, целта е предлог‑законите да бидат подобрени уште пред второто читање во Собранието.

- Организираме јавна расправа на која што ги покануваме сите експерти од областа која што е предмет на оваа јавна расправа, покануваме професори и заинтересирани страни, како и невладини од граѓанскиот сектор, со цел да дадат едно свое видување до пратениците кои што потоа на второто читање да бидат поспремни за амандманската расправа, со цел да имаме уште подобро законско решение за она кое што е во моментот во Собранието, рече Пренџов.

Претседателот на Комисијата информираше дека координаторите на пратеничките групи веќе се известени да достават предлози за поканети учесници на јавната расправа, а точниот термин ќе биде утврден и објавен утре.

Тој појасни дека јавната расправа ќе се вклопи во роковите утврдени со новиот Деловник, а ги повика медиумите да присуствуваат на јавната расправа, со цел јавноста директно да се информира за ставовите и насоките на реформите во обвинителскиот систем. бк/вг/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан