Ќе се избира најубаво уреден двор во Делчево
- Во рамките на кампањата „Заедно до поубаво Делчево“ и согласно со Програмата за односи со јавноста и промоција, Општина Делчево и оваа година ќе избира најубаво уреден двор.
Делчево, 18 мај 2022 (МИА) - Во рамките на кампањата „Заедно до поубаво Делчево“ и согласно со Програмата за односи со јавноста и промоција, Општина Делчево и оваа година ќе избира најубаво уреден двор.
На Јавниот конкурс кој денеска e објавен, како што информираше портпаролот Даниела Такева можат да се пријават сите граѓани кои ценат дека нивното дворно уредување заслужува внимание, но и сите граѓани кои се воодушевуваат на дворот на пријател или сосед, кој исто така можат да го пријават за учество во изборот за најубаво уреден двор во Делчево.
- Конкурсот ќе биде отворен до 1 јули оваа година, период кој сметаме дека е доволен за заинтересираните граѓани да ги направат потребните подготовки и да ги уредат дворовите. Пријавата може да се достави до Архивата на Општина Делчево, или да се симне од веб-страницата delcevo.gov.mk и електронски да се испрати на е-маил info@delcevo.gov.mk, рече Такева.
Целта на оваа акција како што додаде е да се мотивираат сите граѓани на Делчево да дадат свој придонес за негово разубавување.
- Комисијата формирана од стручни лица во меѓувреме ќе ги посети пријавените дворови и ќе го оценува уредувањето на дворните површини. За сопствениците за најдобро уредени дворови, Општина Делчево има обезбедено награди во категориите за Индивидуално домување - прва, втора и трета награда, како и награди во категориите за колективно домување и правни лица, додаде Такева.
Општина Делчево изборот на најубаво уреден двор годинава ќе го реализира по петти пат. вс/сп/