• четврток, 26 декември 2024

Ќе се гради хидроцентралата Чебрен со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW, инвестиција вредна околу една милијарда евра

Ќе се гради хидроцентралата Чебрен со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW, инвестиција вредна околу една милијарда евра

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - По објавениот меѓународен јавен повик за изградба на еден од најголемите проекти во енергетиката и во производството на електрична енергија кај нас, хидроцентралата Чебрен, согласно Извештајот на Комисијата, Владата на 185-тата седница, донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот PUBLIC POWER CORPORATION S.A. - Greece & ARCHIRODON GROUP N.V. – Greece, односно ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација.

Како што стои во денешното соопштение од АД Електрани на Северна Македонија, хидроцентралата Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и нејзините чинители задолжени за спроведување на овој голем проект во дело.

- АД ЕСМ и управниот одбор на компанијата се горди што во нивни мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на Чебрен, државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за овој исклучителен инсфраструктурен објект да почне да се гради, се наведува во соопштението.

Хидроцентралата Чебрен е инвестиција по принципот на јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата.

Проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW.

- ХЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река предвидено е создавање ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае 7 години, појаснуваат од АД Електрани на Северна Македонија.

Се посочува дека Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно, подвлекуваат од АД Електрани на Северна Македонија, ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.

- Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, треба да се каже дека Чебрен ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен, и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроелектрана, велат од АД Електрани на Северна Македонија.

Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот Јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река. цр/ев/

Фото:МИА архива

Остани поврзан