• понеделник, 23 декември 2024

Њујоршките обвинители ги добија даночните документи на Трамп

Њујоршките обвинители ги добија даночните документи на Трамп
Вашингтон, 24 февруари 2021 (МИА) - Њујоршкото обвинителство конечно го доби тоа што го бараше по долготрајна правна борба – даночните документи на поранешниот претседател Доналд Трамп. Барањето за документите, испратени од книговодствената фирма, „Мазарс УСА“, е дел од истрагата во финансиските трансакции на Трамп и неговата компанија „Организација Трамп“. Портпарол на Сајрус Венс, окружен обвинител на Менхетн, денеска потврди дека документите биле добиени во понеделникот, кога Врхвниот суд одби барања на Трамп да се блокира судски увид во документите. Портпаролот Дени Фрост не даде дополнителни објаснувања. Барањето за увид во даночните поврати на Трамп и други финансиски документи, е дел од истрагата на Венс за наводни исплати од изборната кампањата на Трамп во 2016 година за поткуп на жени кои имале сексуални односи со поранешниот претседател. Истрагата се прошири во општ увид за можните криминални активности на компанијата на Трамп. Откако изгуби во пониските судски инстанци кои сите пресудија дека книговодителот треба да ги даде документите, наспроти тврдењето на Трамп дека случајот е преопшт и е започнат за да му наштети морално и физички, адвокатите на Трамп го истераа случајот до највисоката судска инстанца. Екс претседателот, кој со години се бореше да не настапи овој ден, истрагата на обвинителството од Менхетн ја нарече „лов на вештерки“. Тој смета дека таа е политички мотивирана. -Оваа риболовна експедиција никогаш не требаше да биде одобрена од Врховниот суд, но тоа се случи. Нешто што не му се случило на ниту еден претседател претходно – инспирирано од демократи во локација целосно под демократи, Њујорк, изјави Трамп денеска во соопштение по одлуката на судот. Според познавачите, иако во документите увид ќе имаат обвинителите и судот, тие најверојатно нема да бидат достапни за јавноста, според правилата за тајност на постапките на големата порота. Оваа истрага е една од неколку што моментално се водат против Трамп. Последната е онаа на државните обвинители на Џорџија, кои моментално испитуваат дали поранешниот претседател извршил притисок врз избрани државни функционери за да ги насочи изборните резултати во своја полза. кб/

Остани поврзан