• сабота, 23 ноември 2024

Јусов: Лажно и апсурдно е тврдењето на Путин дека Украина е вмешана во нападот во Москва

Јусов: Лажно и апсурдно е тврдењето на Путин дека Украина е вмешана во нападот во Москва

Киев, 23 март 2024 (МИА) - Украинското воено разузнавање остро ги отфрли денешните коментари на рускиот претседател Владимир Путин за наводната вмешаност на земјата во вчерашниот терористички напад во концертната сала во Москва, пренесе ДПА.

-Тврдењето на Путин дека четворица сторители биле уапсени во бегство кон Украина е апсолутно лажна и апсурдна изјава, изјави денеска портпаролот на украинската разузнавачка служба - ХУР, Андриј Јусов.

„Се разбира, оваа верзија не може да ги издржи критиките“, изјави портпаролот, се наведува на веб-страницата на весникот „Украинска Правда“.

-Сите во светот го разбираат ова, освен можеби зомбираното руско население, додаде тој, наведувајќи ги многуте пречки што спречуваат таква инфилтрација преку границата.

Целосната руска инвазија на Украина е во тек повеќе од две години, а пограничните области се полни со нејзини војници, специјални агенти, разузнавачки служби и безбедносни сили, додаде Јусов.

Граничната линија е минирана, се надгледува со користење на сите средства, вклучително и воздушно извидување од двете страни.

Портпаролот го обвини Кремљ дека сака да ја искористи трагедијата во Москва за да ја интензивира репресијата во Русија, пренесува ДПА.

Еден ден откако најмалку 143 лица загинаа во нападот на вооружени лица во концертната сала „Крокус Сити Хол“ во близина на Москва, Путин во телевизиски говор тврдеше дека четворица од 11-те уапсени осомничени се обиделе да побегнат во Украина.

Тој ја наведе „украинската трага“ во крвавите настани од вчера, користејќи руски израз за распределба на вината или вмешаност. сд/

фото:Википедија

Остани поврзан