• понеделник, 16 декември 2024

Јужна Кореја, САД и Јапонија ја осудија Северна Кореја за истрелување ракети

Јужна Кореја, САД и Јапонија ја осудија Северна Кореја за истрелување ракети

Токио, 18 декември 2023 (МИА) - САД, Јужна Кореја и Јапонија денеска го осудија најновото лансирање на балистичка ракета од Северна Кореја, оценувајќи дека тоа ја зголемува заканата за мирот и стабилноста на Корејскиот полуостров и меѓународната заедница.

Северна Кореја утрово ја истрела втората балистичка ракета во последните два дена во морето кај нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска.

Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека најверојатно станува збор за интерконтинентална балистичка ракета способна да прелета повеќе од 15.000 километри и да погоди цели на „целата американска територија“.

Ракетата летала околу 1.000 километри пред да падне во Јапонското море, но според пресметката заснована на нејзината траекторија и тежината на боевата глава, може да има капацитет на летање од повеќе од 15.000 километри и во тој случај целата територија на САД би била во домет, изјави јапонскиот официјален претставник Шинго Мијаке.

Новото лансирање дојде откако Јужна Кореја објави дека Северна Кореја тестирала балистичка ракета со краток дострел во морето во неделата, продолжувајќи го тестот на оружје што трае околу еден месец.

Портпаролот на Стејт департментот во соопштение го осуди Пјонгјанг за лансирање балистички ракети, наведувајќи дека тие претставуваат кршење на неколку резолуции на Советот за безбедност на ОН.

Тој додаде дека лансирањето претставува закана за соседите на Северна Кореја и „ја поткопува регионалната безбедност“.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска изјави дека двете најнови лансирања на севернокорејски ракети, од кои едната најверојатно е интерконтинентална балистичка ракета, претставуваат „закана за мирот и стабилноста во регионот“ и дека Јапонија „остро ги осудува“. Тој, исто така, истакна дека со тоа се прекршуваат санкциите на Советот за безбедност на ОН против Пјонгјанг.

Јужнокорејското претседателство денеска по вонредниот состанок на Советот за национална безбедност соопшти дека „цврсто го осудува“ новото лансирање на интерконтинентална балистичка ракета од страна на Северна Кореја, која, како што е наведено, „создава сериозна закана за мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров и меѓународната заедница“. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан