• понеделник, 23 декември 2024

Јужна Каролина усвои забрана за абортус по шестата недела од бременоста

Јужна Каролина усвои забрана за абортус по шестата недела од бременоста

Вашингтон, 24 мај 2023 (МИА) - Пратениците од Јужна Каролина вчера усвоија забрана за повеќе абортуси по шестата недела од бременоста, кога почнува срцевата активност на фетусот.

Оспорениот предлог-закон, што се очекува да биде потпишан од републиканскиот гувернер Хенри Мекмастер, помина главно по партиска линија, со забележителен исклучок на пет членки на државниот Сенат - три републиканки, една демократка и една независна - кои се спротивставија, пренесуваат британските медиуми.

Предлог-законот поддржан од републиканците, што ги забранува повеќето абортуси пред многу жени да знаат дека се бремени, е ревидирана верзија на претходната мерка која Врховниот суд оваа година ја прогласи за неуставна. Дозволува абортуси до 12 недела во случаи на силување и инцест и дава исклучок за итни медицински случаи.

Врховниот суд на САД минатата година го укина речиси 50-годишното федерално право на абортус, што поттикна многу други држави низ јужниот дел на САД во голема мера да ги ограничат абортусите.

-Ова што го правиме денеска ќе предизвика нелегални абортуси, кажа државната сенаторка Сенди Сен, републиканка која минатата година беше меѓу петте сенаторки кои успешно ја блокираа уште построгата забрана.

-Кога тинејџерите умираат од нелегални абортуси бидејќи не знаеле дека се бремени во шестата недела - тоа е наша вина, рече таа.

Државниот сенатор Шејн Меси, републиканец, се залагаше за забраната како мерка за усогласување на ограничувањата на абортусот во Јужна Каролина со другите јужни држави.

-Јужна Каролина стана престолнина на абортуси на југоистокот, рече Меси за време на вчерашното сослушување.

Застапниците за правата на абортус изјавија дека ќе поднесат уште една тужба за блокирање на мерката.

Во моментов во Јужна Каролина се дозволени абортуси во првите 22 недели од бременоста, што е еден од најлибералните закони за абортус во регионот. сд/

Остани поврзан