Јувентус го отпушти Мота, Игор Тудор ќе го замени
- Тиаго Мота повеќе не е тренер на Јувентус, потврдија од клубот. На негово место доаѓа Игор Тудор. Мота го презеде гигантот од Торино минатото лето, но така и не успеа да го подигне нивното ниво. Неодамнешните порази од Аталанта и Фиорентина го оставија тимот надвор од зоната на Лигата на шампионите и 12 бода зад лидерот.

Торино, 23 март 2025 (МИА) - Тиаго Мота повеќе не е тренер на Јувентус, потврдија од клубот. На негово место доаѓа Игор Тудор. Мота го презеде гигантот од Торино минатото лето, но така и не успеа да го подигне нивното ниво. Неодамнешните порази од Аталанта и Фиорентина го оставија тимот надвор од зоната на Лигата на шампионите и 12 бода зад лидерот.
Мота заминува по 18 победи, 16 нерешени и 8 порази на сите турнири. Покрај тоа што е далеку од лидерите во Серија „А“, Јувентус веќе испадна од Лигата на шампионите, беше елиминиран од Емполи во Купот на Италија и го загуби финалето на Суперкупот на земјата.
Тудор, кој е поранешен играч на клубот, е под договор само до крајот на сезоната со опција за уште 12 месеци. Неговиот прв тренинг ќе биде в понеделник, а дебито како селектор на тимот ќе го има на претстојниот натпревар против Џенова на 29 март. Хрватот своевремено беше помошник тренер на „бјанконерите“ - во сезоната 2020/21, со Андреа Пирло како ментор.
Според информациите на италијанските медиуми, Тудор бил префериран поради неговата подготвеност да се обврзе на краткорочен договор. Ова им дава можност на газдите, доколку работите не функционираат, да ангажираат друг тренер на лето, а меѓу нив се Антонио Конте, Џан Пјеро Гасперини и Стефано Пиоли.
Инаку, Тудор има работено и во Хајдук (Сплит), ПАОК, Карабукспор, Галатасарај, Удинезе, Верона, Марсеј и накратко во Лацио.
Инаку, Јувентус за прв пат по 18 сезони назначи тренер кој не е Италијанец. Последен пат тоа беше Дидие Дешан (сезона 2006/07). дс
Фото: Архива