• среда, 27 ноември 2024

ЈП „Водовод“ Куманово ги санира асфалтните површини уништени поради поправка на дефекти

ЈП „Водовод“ Куманово ги санира асфалтните површини уништени поради поправка на дефекти

Куманово, 5 декември 2023 (МИА) - ЈП „Водовод“ Куманово денеска почна со асфалтирање на дел од улица во централното градско подрачје. Сообраќајот на оваа фреквентна улица се одвива наизменично поради градежните активности. Викендов, жителите на централното градско подрачје останаа без вода поради дефект на главна водоводна цевка во центарот на градот, кај „скопски дуќани“. Дефектот се случил на лиено-железна водоводна цевка „фи-200“. И оваа како и претходните дефекти се случуваат на дотраената мрежа изградена во педесетите и шеесеттите години од минатиот век.

Јавното претпријатие „Водовод“, деновиве ќе ја санира и улицата пред населбата „Перо Чичо“, најавија денеска надлежните. Претпријатието има обврска да ги врати во првобитна состојба улиците коишто се оштетени поради поправка на дефекти на водоводната и канализациската мрежа, како и поради новите приклучоците за правните и физичките лица. Како што објаснуваат стручните лица од кумановски „Водовод“, за нивните активности, првин ја информираат надлежната општинска комунална инспекција која ги одобрува прекопите и издава решение со нагласување дека во определен рок, „Водовод“ треба да ги санира оштетувањата и улиците да се вратат во првобитна состојба.

Годинава, соопштија надлежните од секторот за комунални дејности почна реконструкција на водоводна мрежа на улицата „Борис Кидрич“ во Куманово, (кај Уред) за што се одвоени над 3, 5 милиони денари. Претходно завршија реконструкции на водоводна мрежа кај на улицата „Јане Сандански“ за што Куманово одвои над 1.865. 000 денари. Летово се реконструираше мрежата на „Славиша Вајнер“ кај Соколана, за која беа одделени нешто над милион денари. На почетокот од годинава се реконструираше и мрежата на улицата „11 Ноември“ за која општината одвои 2, 5 милиони денари. ам/ир

Фото: МИА и општина Куманово

Остани поврзан