• вторник, 24 декември 2024

ЈО поведе постапки за учесници во инцидентите за време на протестите во Скопје

ЈО поведе постапки за учесници во инцидентите за време на протестите во Скопје
Скопје, 15 јули 2022 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик. Како што соопштија од Jавното обвинителство на Република Северна Македонија, на 6 јули, кога толпата учесници на јавен собир се приближиле кон плоштадот „Скендербег“ во Скопје, осомничениот бил дел од група граѓани на плоштадот кои влегле во расправија и меѓусебно фрлање со предмети со учесниците на протестот. - Во тој момент, осомничениот извадил пиштол за светлосно-звучна сигнализација марка „EKOL Arаs Magnum” и испукал еден куршум во воздух. Со вештачење е утврдено дека станува збор за пиштол во кој внатрешноста на цевката е изведена со препрека која оневозможува истрелување на проектил од огнострелна муниција, па пиштолот не претставува огнено оружје, појаснуваат од ЈО. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му определи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, задолжително повремено јавување кај надлежен орган и привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова. Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка и против две лица за кои постои сомнение дека сториле кривично дело учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. - Тие се осомничени за учество во толпата што изврши кривично дело насислтво пред зградата на Собранието за време на протестите на 5 јули, фрлајќи камења, бекатон плочки, железни предмети, корпи за отпадоци, сообраќајни знаци и други предмети кон полицискиот кордон, при што на еден полициски службеник му беше нанесена тешка телесна повреда, а беа повредени и уште 27 други полицајци. За време на настанот беше нанесена и материјална штета на зградата на Собранието, беше оштетена полициска опрема и едно полициско возило, се наведува во соопштението. За осомничените судијата на претходна постапка опртедели мерка куќен притвор во траење од 8 дена.​​ цр/аа/

Остани поврзан