ЈО: Затворска казна за адвокат, обвинение за апелациски судија
- Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по детална истражна постапка, ги обезбеди сите докази, кои ја потврдуваат основаноста на сомненијата дека обвинето лице што врши јавни овластувања - адвокат побарало вкупно 100.000 евра, а на 13.12.2025 година директно примил износ од 20.000 евра за да посредува со искористување на своето реално влијание врз судија од Апелацискиот суд Скопје за укинување на мерка притвор определена кон лице што тогаш било недостапно на органите на прогон, информираат од Јавното обвинителство.
Скопје, 17 април 2026 (МИА) - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, по детална истражна постапка, ги обезбеди сите докази, кои ја потврдуваат основаноста на сомненијата дека обвинето лице што врши јавни овластувања - адвокат побарало вкупно 100.000 евра, а на 13.12.2025 година директно примил износ од 20.000 евра за да посредува со искористување на своето реално влијание врз судија од Апелацискиот суд Скопје за укинување на мерка притвор определена кон лице што тогаш било недостапно на органите на прогон - информираат од Јавното обвинителство.
Соочен со доказите на Обвинителството, како што велат, обвинетиот целосно ги призна и прифати наводите во обвинението по што побара да се спогоди за висината на кривичната санкција.
- Врз основа на постигнатата предлог-спогодба, во која беа земени предвид сите отежителни и олеснителни околности, Основниот кривичен суд Скопје вчера изрече пресуда со која го осуди обвинетиот на ефективна казна затвор од 1 година и 3 месеци за кривично дело примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 7 од Кривичниот законик.
Со прифаќање на предлог-спогодбата, сега осудениот ги потврди и наводите во обвинението во согласност со што побараните пари биле со намена поткуп за да влијае врз конкретен судија од Апелацискиоит суд во Скопје за да издејствува укинување мерка притвор - се вели во соопштението од ЈО.
Иако, како што посочуваат, во конкретниот случај адвокатот бил фатен ин флагранти со дел од поткупот и тие пари не стигнале до судијата, јавниот обвинител презеде и повеќе други дејства и претреси, при што на 18.1.2026 година во домот на родителите на судијата во Неготино пронајде вкупно 350.000 евра за чие потекло тој нема доказ и не ги пријавил.
- Парите беа пронајдени спакувани во 13 поединечни пакувања, и тоа вкупно 610 банкноти во апоени од 500 евра и 225 банкноти во апоени од 200 евра, од кои дел со обележани рачно испишани износи на средствата, скриени во заѕидан простор во шуплините од тулите во ѕидот на една од собите. Ова предизвика основано сомнение дека овој осомничен во периодот од 10.02.2020 година како службено лице судија во Апелацискиот суд Скопје, спротивно на законската должност за пријавување имотна состојба или нејзина промена, давал лажни податоци за својот имот и за имотот на своето семејство и не пријавил имот кој во големи размери ги надминува неговите законски приходи - велат од ЈО.
Од поведувањето на постапката, нагласуваат, јавниот обвинител презеде повеќе дејства со кои обезбеди цврсти докази во однос на сопственоста на паричните средства, со што се потврдија елементите што го исполнуваат битието на кривичното дело противправно стекнување и прикривање имот од член 359-а. Имајќи го предвид доказниот материјал за располагање со имотот во периодот од 2020 година до денес, во корелација со начинот искористен за криење на пронајдените парични средства, се обезбедија докази што укажуваат на обележја и на кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од Кривичниот законик.
- Врз основа на обезбедените докази, ОЈО ГОКК денеска поднесе обвинение против судијата од Апелацискиот суд за наведените кривични дела, потенцираат од ЈО и додаваат дека надлежниот јавен обвинител продолжува да презема дејства до целосно испитување на сите аспекти на сомнежите за коруптивни дејства и потенцијална инволвираност и на други лица.вј/са/
Фото: МИА архива