• недела, 24 ноември 2024

Јоковиќ: Сите во регионот правиме напори да ја намалиме инфлацијата и притисокот врз стандардот

Јоковиќ: Сите во регионот правиме напори да ја намалиме инфлацијата и притисокот врз стандардот

Скопје, 5 октомври 2023 (МИА) -  Сите во регионот правиме напори во рамки на своите можности да им помогнеме на граѓаните, да ја намалиме инфлацијата и притисокот врз животниот стандард, изјави денеска црногорскиот вицепремиер и министер за земјоделство Владимир Јоковиќ, кој учествува на настан во Скопје по повод Светскиот ден на вранецот. 

Одговарајќи на новинарски прашања како Црна Гора се справува со инфлацијата и како им помага на граѓаните, посочи дека како држава зависна од увоз на земјоделски производи во рамки на можностите прават што можат да им помогнат на граѓаните. Имаат социјални програми преку кои им помогнале на пензионерите, а се подготвува и ограничувања на цените на основните животни продукти. 

-  Несаканите глобални случувања многу влијаеја на инфлацијата и на цената на храната, а и ние како држава што е многу зависна од увоз на земјоделски производи и на храна, сме погодени. Владата во рамки на своите можности прави што може да бидат доколку е можно пониски цените на земјоделските произвоид, но кога се тие увозни, а и цените на пазарите и на берзите се високи, не може да се направи многу. Затоа имаме социјални програми преку кои колку што можевме им помогнавме на пензионерите. Ниту Македонија, ниту Црна Гора се високо развиени земји со огромен капитал и средства во буџетите. Кога би имале зошто да не дадеме? Владите постојат за да им помогнат на граѓаните, да обезбедат добро образование, здравство, безбедност, стандард... Сите во регионот се трудиме, секако нашите ресурси се ограничени, колку што можеме помагаме, верувам дека тоа се прави и во Македонија, изјави Јоковиќ.

Во тек е, како што дополни, процес за ограничување на цените на основните животни продукти, но ако нешто увезуваме од странство по одредена цена немаме можност да го продаваме поевтино.

-Тука е и цената на нафтата која се зголемува на светските берзи, а веднаш потоа влијае речиси на сите движења во стопанството. Како држави се обидуваме да ја намалиме инфлацијата и притисокот врз стандардот на граѓаните, посочи Јоковиќ, кој со неговиот домаќин,  министерот за земјоделство Љупчо Николовски се обратија на настанот по повод Светскиот ден на вранецот. сх/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан