ЈЛБ „Илинден“ – Делчево ги пречека најредовните читатели пензионери: Читањето нема возраст
- Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево денеска со голема радост ги пречека дел од своите најредовни членови – пензионери, кои со љубов и посветеност се најчести посетители на библиотеката и вистински промотори на културата на читање.
Делчево, 14 јануари 2025 (МИА) – Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево денеска со голема радост ги пречека дел од своите најредовни членови – пензионери, кои со љубов и посветеност се најчести посетители на библиотеката и вистински промотори на културата на читање.
Средбата беше организирана како израз на благодарност до возрасните читатели кои со своето секојдневно присуство потсетуваат дека читањето нема возраст и дека книгата останува верен сопатник во секој период од животот. Во пријатна и срдечна атмосфера, присутните разговараа за омилените наслови, времето поминато во библиотеката, како и за читањето дома, со книга во рака.
Од ЈЛБ „Илинден“ – Делчево посочуваат дека ваквите средби имаат за цел да бидат поттик и мотивација за сите возрасни читатели повторно да ја разбудат љубовта кон книгата, бидејќи таа зближува, инспирира и духовно збогатува.
-Во рамки на дружењето, пензионерите – редовни членови на библиотеката, споделија и листа со препораки за читање, меѓу кои се: „Крвта не е вода“, „Синоока“, „Последните часови“, „Никаде без мојата ќерка“, „Папата Јована“, „Царицата Катерина“, „Монахот кој го продаде своето Ферари“, „Бисерот што ја скрши школката“, „Сашенка“ и „Чај од Водолија“, информирааа од ЈЛБ „Илинден“.
Оттаму упатија благодарност до сите кои одвоија време и беа дел од настанот, со порака дека нивниот пример треба да биде мотивација за сите генерации да ја посетуваат библиотеката и да го изберат читањето како квалитетно поминато слободно време. вс/
Фото: МИА