• сабота, 16 ноември 2024

ЈКП „Стандард“ - Дебар по првпат доби специјално возило за чистење на фекалната канализација

ЈКП „Стандард“ - Дебар по првпат доби специјално возило за чистење на фекалната канализација
Дебар, 6 септември 2022 (МИА) - Јавното комунално претпријатие „Стандард“  за првпат, во возниот парк од денеска има и специјално возило „Canal Jet“ кое служи за чистење и одржување на канализациската мрежа во општината. - Ова возило е од големо значење во работата на претпријатието, бидејќи во минатото канализациската мрежа се чистеше со несоодветни средства а во многу случаи ангажиравме и вакво возило од приватни субјекти за што плаќавме големи суми на пари. Очекуваме ефикасноста на претпријатието да биде повисока. И во иднина ќе се ангажираме за зајакнување на капацитетите на претпријатието, рече на примопредавањето на возилото, градоначалникот Хекуран Дука.  Во месец јули годинава општината за потребите на „Стандард“ набави возило за специјална намена, транспорт на отпад, што беше неопходен за одржување на хигиената во градот и населените места.  Двете возила се дел од проектот, со кој беа обезбедени и 130 нови контејнери за отпад, како и замената на сите 65 воздушни и испустни вентили на водоводот Росоки-Дебар, поставени пред три и пол децении, кога бил и изграден водоводот.  - Ова се стратешки инвестиции на општината во контекст на грижата за чиста животна средина а Стандард со храбрите и тешки реформи во однос на организацијата на својата дејност, добива сосема поинаков и посовремен лик, рече Дука.  Според него проектот е финансиран од Меѓународната банка за обнова и развој - Светска банка, што како наем го има добиено општината по многу поволни услови. Тоа подразбира, нагласи тој, без камата, грејс период од три години и рок на отплата од 13 години. вт/нд/

Остани поврзан