• вторник, 24 декември 2024

Јермак: Вториот мировен самит за Украина веројатно ќе се одржи на Блискиот Исток

Јермак: Вториот мировен самит за Украина веројатно ќе се одржи на Блискиот Исток

Киев, 2 август 2024 (МИА) - Вториот глобален мировен самит за Украина ќе се одржи во земја на глобалниот југ, можеби на Блискиот исток, во обид да се покаже „светското единство“ во услови на актуелната руска инвазија на Украина, изјави шефот на Кабинет на претседателот на Украина, Андриј Јермак.

Засега не се знае точната локација на самитот и временската рамка, но извори во украинската Влада тврдат дека земјата планира да свика втор мировен самит пред претседателските избори во САД во ноември 2024 година, пишува „Киев Индипендент“.

И покрај тоа што Москва не беше поканета на првиот глобален мировен самит во јуни, претседателот Володимир Зеленски претходно рече дека Русија мора да биде присутна на вториот мировен самит во ноември за да се стави крај на војната.

-Ако целиот свет ги сака на (преговарачка) маса, тогаш не можеме да бидеме против тоа, рече Зеленски.

Во интервју за Блумберг, Јермак се согласи со изјавата на претседателот, наведувајќи дека приоритет на вториот самит е создавање „предуслови за запирање на непријателствата“.

-Мораме да ја завршиме оваа војна што е можно поскоро за да постигнеме праведен мир, рече тој.

Русија претходно соопшти дека нема да присуствува на втор мировен самит.

Првиот самит за мир во Украина се одржа во јуни во Швајцарија, а 87 земји и меѓународни организации потпишаа заедничка изјава.

Во соопштението, Русија е повикана да и ја врати целосната контрола врз нуклеарната централа Запорожје на Украина, да обезбеди непречено производство и снабдување со прехранбени производи во Украина, да обезбеди пристап до пристаништата во Црното и Азовското Море, да ги ослободи сите затвореници од војна и враќање на сите депортирани украински деца, потсетува украинската агенција.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан