• четврток, 24 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ЈАР: Рамафоса во посета на погодените подрачја, бројот на жртви од поплавите расте

ЈАР: Рамафоса во посета на погодените подрачја, бројот на жртви од поплавите расте

Кејптаун, 13 јуни 2025 (МИА) – Претседателот на Јужноафриканската Република (ЈАР) Сирил Рамафоса ја посети југоисточната област на земјата погодена од катастрофалните поплави, во кои досега загинаа најмалку 78 лица, а потрагата и спасувањето продолжуваат четврти ден. Властите предупредуваат дека бројот на жртви најверојатно ќе порасне.

Рамафоса присуствуваше на брифинг на Националниот центар за управување со катастрофи, а го посети и мостот каде надојдената вода однела училишен автобус. Потврдено е дека загинале шест ученици, возачот и уште една возрасна личност, а четири деца сè уште се водат како исчезнати.

Посетата дојде откако беа поставени прашања за брзината и ефикасноста на реакцијата на властите. Провинцискиот премиер изјави дека спасувачките активности биле отежнати во првите часови од катастрофата поради недостиг на ресурси, вклучително и специјализирани тимови, нуркачи и единици со кучиња за пребарување, во еден од најсиромашните региони на државата.

Премиерот на провинцијата Источен Кејп, Оскар Мабујане, рече дека регионот со 7,2 милиони жители располага со само еден спасувачки хеликоптер, кој морал да биде донесен од друг град оддалечен повеќе од 500 километри.

Рамафоса ја бранеше реакцијата на властите, наведувајќи дека владата е длабоко потресена од загубите, но дека „можеше да биде и многу полошо“.

Поплавите ги изненадиле многумина пред зори. Дел од жртвите ги однела водата заедно со нивните куќи и отпадот, додека други останале заробени внатре додека водата ги потопувала домовите.

Властите очекуваат да бидат пронајдени нови тела додека спасувачите ги пребаруваат поплавените области и урнатините од куќите во потрага по исчезнатите. Меѓу загинатите има многу деца.

Многу жртви од поплавите оваа година во Источен Кејп живееја во поплавни рамнини во близина на реки. Сиромашните области со неформални населби беа најтешко погодени, соопштија владини претставници. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан