• среда, 25 декември 2024

Јапонски искуства за справување со загадувањето на воздухот и животната средина

Јапонски искуства за справување со загадувањето на воздухот и животната средина
Скопје, 11 март 2021 (МИА) - Проблемот со амбиенталниот воздух и животната средина Јапонија успева да го реши преку сеопфатен пристап – закони и регулативи, економски мерки, технологија и иновација во кои се вклучени државните инстуции, локалните заедници, индустријата и бизнисот, академијата и цивилниот сектор. Бизнисите и Владата соработуваат во намалувањето на емисијата на штетни гасови, а со помош на закони и регулативи направено е враќање и заздравувње на животната средина во местата кои биле на удар од брзата индустријалиција на земјата во 60-тите години на минатиот век. Денес синото небо над Токио е синоним за иако според нив задоцнетата, сепак одлучна и силна реакција за заштита на животната средина и контрола на аерозагдувањето. Јапонија денеска е во позиција дополнителните трошоции и мерки од строгите регулативи за намалување на аерозагадувањето во некои индустриски сектори како железната индустрија, рафинериите и термоцентралите да резултираат не со намалени макроекономски показатели на овие компнаии, туку со позитивно влијание на животната средина и технолошката иновација и компетитинвост на глобално ниво. Искуствата од повеќедецениската борба за чист воздух и животна средина, Јапонија денеска ги споделува со светот и е промотор на пристапот базиран на размена на знаење и технологии за целосно разбирање на проблемот, негово следење и на крај носење конкретни мерки базирани на анализи и истражувања. Во таа насока денеска во Скопје предавање од областа на аерозагадувањето одржаа тројца експерти од Јапонија, во организација на Јапонската амбасада, здружението МАК-ЈАМС и Машинскиот факултет. За аерозагадувањето во Јапонија и мерките за справување преземени во последните 50 години, зборуваше професорот Шинџи Вакаматсу, кој е емеритус професор и истражувач при Националниот институт за студии за животна средина при Универзитетот Ехиме и автор на повеќе од 50 значајни научни трудови од полето на животната средина. Тој посочи дека основниот Закон за контрола на загадувањето на животната средина во Јапонија е донесен во 1967 година, Законот за контрола на аерозагадувањето во 1968 година, а во 1971 година е основана Агенцијата за животна средина. Јапонија во 1973 година носи стандарди за емисија на јаглерод моноксид, сулфур диоксид, азот диоксид, озонот и суспендирани честички, додека во 2009 година и за П.М. 2.5 честичките, кои се сочинети од сите извори на аерозагадување. - Најновите мерки за контрола на сите лесно испарливи органски соединенија - VOC од 2006 година се првите регулаторни мерки кои се базрират на идејата за „најдобар микс“ на правна рамка и волонтерно намалување од бизнисот. Во нивното носење учествуваат многу експерти од индустријата. Иако првичната цел била намалување од 30 проценти на емисиите до 2010 година, споредено со 2000 од стационарни извори на загадувањето на воздухот, Јапонија во 2009 година остварува кратење од 42 проценти на VOC емисиите, споредено со 2005 година, појасни во своието излагање професорот Вакаматсу. За јапонското искуство од аспект на економијата и животната средина и како се мери економската активност и влијанието врз животната средина, зборуваше професорот Имура Хидефуми од Глобалниот институт за соработка за одржливи градови при Универзитетот Јокохама и професор емеритус на Универзитетот Нагоја. Според професорот Хидефуми, економските активности имаат позитивни и негативни аспекти и најважното прашање секогаш треба да биде кој има корист, а кој ќе ја плати штетата. Во многу случаи жртви се локалните заедници и луѓето кои живеат во близина на економскиот оператор, како и идните генерации, додека корист и добивка имаат некои други. По лошите ефекти од силната индустријализација по Втората светка војна меѓу 1955 и 1973 година, Јапонија носи закони и легислативи за контрола на аерозагадувањето во 70-тите години, кои постојано ги надградува со воведување на поголем опфат на заштита, како и насоки за рециклирање, одржливост, обновливи извори и енергетска транзиција, циркуларна економија, справување со глобалното затоплување ... - Иако со задоцнување, Јапонија во 70-тите години на минатиот век презема силни мерки. Во 1972 донесен е Закон за мерење на тоталната емисија на штетни гасови и остварени се драстични намалувања на штетните емисии во воздухот. Зајакната е контролата на емисијата на штетни гасови од автомобилите и донесени со построги стандарди. Во Јапонија сега има многу примери на реставрација и ремедијација на животната средина околу поранешни индустриски жешки точки, како што се рудници, загадено земјиште и вода од индустриски хаварии и истекувања ... сега дури се слави Синото небо над Токио, како знак на сеќавање на големото загадување од смог во зимските денови во Токио меѓу 50-тите и 70-тите години. Денес во Јапонија може да се видат многу индустриски оџаци, но, тие се чисти, посочи професорот Хидефуми во своето предавање. Поуките од Јапонија се, дека иако до 70-тите години на минатиот век предност има економскиот раст и има тешкотии во носењето превентивни мерки поради недостиг на знаење и информации за изворите на аеорзагадување, додека по овој период земјата носи мерки со кои општеството плаќа за реставрација и повраќање на оштетената животна средина, од компаниите се наплатува за тоа што го загадуваат, додека инвестициите во животната средина го стимулираат технолошкиот раст и развој, истовремено јакнејќи ја компетитивноста на јапонските компании. - Тоа што ја прави Јапонија успешна во справувањето со загадувањето на воздухот од тешката индустрија е благодарение на технологијата и иновациите од страна на компаниите преземени за исполнување на високите стандарди кои се усвоени од државата. Податоците денеска покажуваат дека мерките насочени кон заштитата на животната средина не само на воздухот, туку и водата и почвата имаат мало негативно влијание на националната економија и имаат многу повеќе позитивно – освен чист воздух и вода тие позитивно влијаат на иновативноста, технолошкиот раст и компетитивноста на компаниите и економијата, нагласи Хидефуми. За напорите на Јапонија сопствените искуства да ги сподели со останатите земји и нејзината улога во глобалните трендови и напори за справуавње со аеорозагадувањето и глобланото затоплување, зборуваше Таизо Јамада, кој е постар советник за Управување и планирање на животната средина во Јапонската агенција за меѓународна соработка – ЏАЈКА. Јапонија поддржува проекти и работи на развој на неопходни мерки и процеси за контрола и намалување на аерозагадувањето, преку мониторирање на емисијата, поставување емисиони стандарди, влијанието на квалитетот на воздухот на здравјето на луѓето, преку Јапонската агенција за меѓународна соработка – ЏАЈКА која е активна во 148 држави и региони, има 96 канцеларии надвор од Јапонија и 15 тренинг центри во Јапонија. Пристапот на ЏАЈКА е насочен кон градење на капацитети преку соработка, помош и поддршка на локалните институции преку грантови и иневстиции, како и размена на технологии и експертиза. На двочасовното онлајн предавање се вклучија повеќе гости - професори, студенти и заинтересирани граѓани, како и јапонскиот амбасадор во земјава Савада Хиронори. Модератор на предавањето беше професорот Ташко Ризов од Машинскиот факултет во Скопје. аа/сп/

Остани поврзан