• четврток, 26 декември 2024

Јапонскиот народ донираше ново возило за Здравствен дом-Свети Николе

Јапонскиот народ донираше ново возило за Здравствен дом-Свети Николе
Свети Николе, 17 ноември 2022 (МИА) - Здравствениот дом во Свети Николе доби ново Nissan санитетско возило, во вкупен износ од 54.633 евра. Донацијата доаѓа од јапонскиот народ. Амбасадорот на Јапонија, Хиронори Савада, денеска присуствуваше на церемонијата за комплетирање на GGP-проект во Јавната Здравствена Установа (ЈЗУ) Здравствен дом Свети Николе. Церемонијата беше организирана од страна на градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, и директорката на ЈЗУ Здравствен дом Свети Николе, д-р Славица Панева, во знак на благодарност за донацијата. -Во текот на изминатата година со новото санитетско возило се направени транспорти на 273 пациенти во животозагрозувачка состојба најчесто до клиниките во Скопје, Штип и Велес и поминати се околу 7,500 километри, вели Панева. -Драго ми е дека во период од една година, со оваа донација беше овозможен транспорт за половина од вкупниот број на пациенти во животозагрозувачка состојба, во Здравствениот дом Свети Николе. Јапонскиот народ е среќен и горд што му помага на македонскиот народ да има подобри здравствени услови, рече Савада. Во текот на посетата, амбасадорот Савада имаше средба со градоначалникот на Општина Свети Николе, Дејан Владев, и директорката на ЈЗУ Здравствен дом Свети Николе, д-р Славица Панева. За време на средбата тие разговараа за можностите за идна соработка. Преку GGP, досега, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од три милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за COVID-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со КОВИД-19. Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општина. вдј/ир

Остани поврзан