• вторник, 24 декември 2024

Јапонија тврди дека нема радиоактивност во рибите во водите кај Фукушима

Јапонија тврди дека нема радиоактивност во рибите во водите кај Фукушима

Токио, 26 август 2023 (МИА) - Јапонските агенции за рибарство соопштија дека рибите тестирани во водите во близина на разурнатата нуклеарна централа Фукушима не содржат видливи нивоа на тритиум, радиоактивен изотоп, пренесува новинската агенција Кјодо.

Јапонија пред два дена почна да испушта во океанот повеќе од милион тони прочистена радиоактивна вода, што досега беше складирана во нуклеарна централа северно од Токио, и главно се користеше за ладење на реакторите уништени од цунамито во март 2011 година.

Контаминираната вода беше третирана со методот ALPS преку систем за филтрирање, што го отстрани најголемиот дел од радиоактивниот материјал.

Меѓутоа, не постои практичен начин да се отстрани тритиумот.

Токио Електрик Пауер (ТЕПКО), која управува со централата, се соочи со гневот на рибарите и активистите во Јапонија откако почна да испушта прочистена радиоактивна вода во Тихиот Океан.

Поради овој потег вознемирени се и потрошувачите во соседните земји, а Кина го забрани увозот на јапонски морски плодови.

Резултатите од тестовите на рибите ќе се објавуваат на дневна основа, а ТЕПКО тврди дека морската вода во близина на фабриката содржи помалку од 10 бекерели тритиум на литар, што е далеку под самонаметнатата граница од 700 бекерели и далеку под границата на Светската здравствена организација (СЗО) за вода за пиење од 10.000 бекерел на литар.

Бекерелот е мерна единица за радиоактивност.

Процесот на испуштање на целата загадена вода ќе трае околу 30 години.

Несреќата во Фукушима се случи на 11 март 2011 година, по силниот земјотрес и цунамито. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан