• среда, 25 декември 2024

Јапонија донира амбулантно возило на Свети Николе

Јапонија донира амбулантно возило на Свети Николе
Штип, 8 Март 2021 (МИА) - Договор за ново амбулантно возило, кое е донација од јапонскиот народ и Влада за Општина Свети Николе, беше потпишан денеска од градоначалникот Сашо Велковски, амабасадорот на Јапонија, Хиронори Савада и директорката на Здравствениот дом „Гаврило Гаврилски“, Славица Панева. - Договорот ќе овозможи купување на амбулантно возило за Здравствениот дом. Ова не е прв грант, којшто го добива Општина Свети Николе, преку оваа програма, ова е вториот. Првиот е за обнова на основно училиште во далечната 2000 година. Искрено се надеваме дека нашите мали проект овозможуваат подобар квалитет на општините, вели Савада. Градоначалникот на Општина Свети Николе, Велковски истакна дека со јапонскиот амбасадор разговарале и за економскиот развој на општината, а новата донација значи многу за граѓаните од општините Свети Николе и Лозово. - Благодарност на јапонскиот народ и Влада за донацијата од 55 000 евра. Пријателите се покажуваат во вистински момент, кога се справуваме со Ковид 19, не само на државно, туку и на светско ниво, изјави Велковски. Директорката на Здравствениот дом „Гаврило Гаврилски“, Панева нагласи дека новото донирано возило ќе значи решавање на проблемот со транспортот на пациентите од двете општини, бидејќи имаат четири стари и амортизирани возила. Таа посочи дека со стариот возен парк имаат чести дефекти, а и за нив тешко се наоѓаат делови за поправка. - Добивањето на возилото, кое ќе биде комплетно опремено не само што ќе го реши проблемот со транспортот, туку и ќе може веднаш да се пружи здравствена помош, со оживување, кислородна поддршка. Ова е голема придобивка за нашиот здравствен дом, вели Панева. Дополнителен притисок врз оваа здравствена установа е и тоа што покрај Свети Николе поминува новиот автопат по кој транзитираат жителите од истокот и југоистокот кон Скопје, но и по експресниот пат кон Велес. Панева посочи дека изминатиот период е зголемен бројот на сообраќајни несреќи на територијата која ја покриваат и на која пружаат здравствена заштита. Затоа оваа донација ќе им помогне побрзо да одговорат на повиците за помош на патиштата и да ги транспортираат пациентите до Клиниките во Скопје. вдј/ар/

Остани поврзан