• петок, 06 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Јапонија го отвори World Expo 2025 во Осака 

Јапонија го отвори World Expo 2025 во Осака 

Осака, 12 април 2025 (МИА) - Јапонија денеска отвори годинашната светска изложба „Експо 2025“ во Осака во присуство на јапонскиот император Нарухито и неговата сопруга царицата Масако, јави ДПА. 

Портите на „Експо 2025“ ќе бидат отворени за пошироката јавност утре.  
Принцот и принцезата, како и премиерот Шигеру Ишиба, исто така, учествуваа на церемонијата на отворање, што се емитуваше во живо на телевизија. 

Изложбата „Експо 2025“, што се наоѓа на вештачкиот остров Јумешима, е опкружена со Голем прстен, дрвена конструкција долга два километри и висока до 20 метри, за која организаторите велат дека е најголема во светот, пренесува ДПА. 

Импозантната структура е наменета да го симболизира сеопфатниот концепт на Експо - различност и единство. 

Во период од шест месеци, до 13 октомври, повеќе од 160 земји, региони и меѓународни организации ќе ги презентираат своите идеи во своите павилјони на централната тема „Дизајнирање на идното општество за нашите животи“. 

Организаторите очекуваат 28 милиони посетители, иако истражувањата покажуваат дека интересот кај јапонската популација досега е многу помал од очекуваното. 

Осака последен пат беше домаќин на Експо во 1970 година, кога дојдоа повеќе од 64 милиони посетители. 

Во мрачниот и мистериозен павиљон „Иднината на животот“, создаден од познатиот јапонски експерт за роботика Хироши Ишигуро, централно место зазема сосема поинаква визија за иднината. Внатре, посетителите наидуваат на 50 реални андроиди, заедно со десетици роботи и аватари, кои нудат поглед во иднината каде што коегзистираат луѓето и машините. 
Изложбата истражува како овие андроиди би можеле беспрекорно да се интегрираат во општеството за само 50 години - и сугерира дека за 1.000 години помеѓу човекот и роботот би можело практично да нема разлика.сд/ 

фото:ЕПА

Остани поврзан