Јаневска – Агелер: Продолжува одличната соработка во областа на образованието и науката
- Одличната соработка на Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на образованието и науката ќе продолжи и во иднина. Интересот е взаемен и двете земји и понатаму ќе создаваат добри образовни и научно -истражувачки можности за своите граѓани преку постојните спогодби и протоколи за соработка, а ќе се размислува и за нови иницијативи кои ќе овозможуваат размена на позитивни образовни и научни искуства.
Скопје, 18 јули 2024 (МИА) - Одличната соработка на Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на образованието и науката ќе продолжи и во иднина. Интересот е взаемен и двете земји и понатаму ќе создаваат добри образовни и научно -истражувачки можности за своите граѓани преку постојните спогодби и протоколи за соработка, а ќе се размислува и за нови иницијативи кои ќе овозможуваат размена на позитивни образовни и научни искуства, било потврдено на денешната средба на министерката за образование и наука Весна Јаневска и амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер, соопшти МОН.
Двете страни, како што се наведува во соопштенито, ја потенцирале важноста, но и задоволството од развојот на стратешкото партнерство, кое носи придобивки и за македонскиот и за американскиот народ.
Министерката Јаневска ја запознала амбасадорката со состојбите кои ги затекнала во Министерството и воопшто во образованието во државата, а презентирала и дел од активностите во рамки на планот на новата Влада за подигнување на квалитетот на националниот образовен систем, потенцирајќи дека промените ќе се случуваат одеднаш во сите образовни сегменти и нивоа.
- Информираше дека се подготвува и Декларација за националното образование која ќе биде предложена на сите политички субјекти со цел постигнување на консензус за долгорочни политики, а заложбата беше поздравена од страна на амбасадорката. Јаневска рече дека од исклучителна важност за Македонија се програмите за образовна размена со САД, потенцирајќи ја особено Фулбрајт програмата за студиски и истражувачки посети во партнерската земја, како и YES програмата наменета за средношколци кои имаат можност да поминат една година на некој од американските колеџи, се вели во соопштението од МОН.
Амбасадорката Агелер изразила задоволство од билатералните односи и нагласила дека САД и во иднина ќе ги поддржуваат напорите на Владата за подобро образование на младите во државата.
На средбата, како што се наведува во соопштението, била нагласена и добрата соработка на институциите со Канцеларијата на УСАИД, особено преку заедничките проекти за меѓуетничка интеграција во образованието и за медиумска писменост, како и соработката со Мировниот корпус чии волонтери помагаат за поквалитетна настава на англиски јазик во македонските училишта.
Во соопштението се додава дека првата спогодба за соработка во областа на науката и технологијата меѓу Македонија и САД е потпишана во 1995 година. цр/ац/
Фото: МОН