Јаневска присуствуваше на промоција на нова генерација дипломирани студенти на Меѓународниот балкански универзитет
- СООПШТЕНИЕ

30 мај 2025
Ова е радосен ден за сите нас, а најмногу за овие млади луѓе кои по неколкугодишна заложба стигнуваат до универзитетска диплома. Веќе знаат дека посветеноста и истрајноста даваат добри резултати и им посакувам со исто толкава одлучност и дисциплина да продолжат и да се вклучат на пазарот на труд или да го продолжат високото образование во нареден степен, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на свечената церемонија на дипломирање на Меѓународниот балкански универзитет и Собирот на алумни, со дипломци од изминатите години.
Овие млади треба да зачекорат во свет кој брзо се менува и бара брза прилагодливост на новините како и доживотна посветеност на учење, а министерката Јаневска им кажа дека имаат добра подготовка затоа што Меѓународниот балкански универзитет како високообразовна институција многу вложува во модернизација на наставните програми, опремата, интегрирање на најнови технолошки алатки во образованието, проширување на можностите за истражување и во поттикнување партнерства со реномирани универзитети.
„И оваа генерација дипломци се вклучува во заедницата на алумни на Универзитетот. Комуникацијата што ја одржувате со претходно дипломираните студенти е многу значајна, затоа што овозможува размена на искуства, менторство, можности за вмрежување и на тукушто дипломираните студенти им дава информации кои може да им бидат од голема помош“, посочи Јаневска.
Честитајќи им на дипломираните студенти, министерката рече дека тоа се идните лидери, претприемачи и креатори на промени, кои треба да ги прифаќаат предизвиците на 21 век и да градат подобро општество за сите нас.
Министерство за образование и наука
________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.