• среда, 25 декември 2024

Јаневска: Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за квалитет

Јаневска: Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за квалитет

Скопје, 22 јули 2024

Образованието е столб на економијата, што значи дека нема економија во иднина, без квалитетно образование денес, кое ќе обезбедува поголема продуктивност во работењето и зголемување на производството и квалитетот на производите, влијае на долгорочното планирање на развојот на бизнисот, новите инвестиции и на неговата извозна дејност и конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар. Клучот за квалитетно образование е инвестирањето во него, зошто тоа е инвестиција во човечки капитал со стручни вештини и компетенции неопходни за развој на економијата и исплатлив влог за иднината, а дуалниот модел на образование е обезбедување на човечкиот капитал со потребните вештини и компетенции.

Ако пред неколку години дуалното образование беше процес на препознавање, денес со околу 560 вклучени компании во дуалниот модел на образование, дуалното образование стана реалност и додадена вредност за компаниите.

Но тоа што денес како процес е реалност, започна во 2007 година, кога Стопанската комора  детектираше дека недостатокот на стручен кадар, преставува сериозен проблем за бизнис заедницата. Причината ја детектираше во неусогласеноста на понудата и побарувачката на вештини на пазарот на трудот како резултат на брзиот раст на техниката и модернизација на технолошките процеси, но и во ригидната структура на образовниот систем кој што не може да се менува согласно со пазарната динамика и брзо да одговори на потребите на пазарот. Затоа, образованието го стави во приоритетите на своето работење.

Во 2013 година, Комората јасно порача дека воведувањето на дуалното образование е најефикасен начин за решавање на проблемот за обезбедување адекватна работна сила преку интеграција на образованието и обуката во процесот на обезбедување стручни знаења, развој на вештини и компетенции со вклучување на ученикот во работните процеси на реално работно место и зајакната врска помеѓу образовните институции и реалниот сектор. Воведувањето на овој процес, Комората го поддржа со активности насочени кон промена на начинот на размислување за потребата од ваквиот модел на образование, демистифицирање на поимот „работа кај работодавач“ и втемелување на дуалните принципи на образование во средното стручно образование преку наизменично учење и соодветна комбинација на теоријата во училиштето и на праксата на реално работно место во компанија.

Во 2014 година, тргнувајќи од парадигмата дека „Стопанската комора треба да се занимава и со дуалното образование, од кое сите немаат директна корист, но ако се гледа пошироко, сите имаат корист од добро образувана работна сила, бидејќи тоа би привлекло повеќе инвестиции во земјата“  Комората започна позасилено да работи на воведувањето на дуалниот модел на образование иако знаеше дека тоа е долгорочен процес, со сериозни реформски зафати за модернизација на стручното образование и обука и вклучување на голем број чинители за негова имплементација. Првата позитивната промена на реализација на дуалниот модел на образование започна во 2017 година како пилот проект на една компанија со 20 ученика во 1 паралелка, а веќе следната година да ја следат уште неколку компании и самите да  го подготвуваат кадарот според нивните потреби.

Во 2019 година на трибината „Стручен кадар по мерка на бизнисот“, Комората ги постави своите стратешки определби за образованието: (1) зголемување на бројот на запишани ученици во стручното образование и обука од тогашните 61% на 70%,  (2) учество на бизнис заедницата во креирањето на уписната политика, (3) законско регулирање на дуалното образование (4) зголемување на средства од Буџетот за финансирање на образованието на 5% и (5) квалитет во образованието.

Нашите стратешки определби најдоа рефлексија во постигнатите резултати на активностите што се реализираа. Во 2017 година, заедно со членки, и другите чинители се посветивме во креирање на над 350 стандарди на занимања, над 100 квалификации и 85 образовни програми и програмски документи, а посебно главен мотив беше поддршката на компаниите за реализацијата на практичната обука на учениците во нивните организации. Обучивме и сертифициравме над 1000 ментори за реализација на практична обука на учениците во компаниите и верификувавме 150 компании кои ги исполниле условите да реализираат практична настава за учениците. Во 2021 година ја променивме перцепцијата за креирање на уписната политика според потребите на реалниот сектор и ја зголемивме бројката на вклучени компании во дуалното образование од различни сектори и дејности, а учењето преку работа стана составен дел во образовните програми.

И резултатот е видлив: Од 1 вклучена компанија во 2017 година, во учебната 2021/2022 година бројката порасна на 211 компании, а во учебна 2023/2024 година, достигна до 560 компании. Порасна и бројката на вклучени стручни училишта во дуалното образование, од 1 училиште со 1 паралелка во 2017 година, на 61 училишта со 259 паралелки во 2024 година, а процентот на ученици запишани во стручното образование во последните две години го достигна на 70%, со што Комората ја исполни својата цел.

Но сепак, дуалниот модел на образование, и после 7 години, и покрај неколку обиди за  негово системското уредување, сè уште е пилот проект што сериозно може да влијае на неговата одржливост. Но сето тоа може да се промени ако се има волја за системско уредување на дуалното образование преку донесување на Законот за стручно образование и обука што може да не одведе до воспоставување функционален образовен систем кој ќе ги следи потребите на пазарот на труд и ќе образува квалитетни кадри кои ќе бидат препознаени од страна на приватниот сектор, зајакнато учество на бизнис заедницата; нов пристап во наставата и ориентираност кон вештините и компетенциите, поткрепени со практичната обука, решавање проблемски задачи и знаење кое ќе биде употребливо за да се добие додадена вредност на работењето и нов пристап во начинот на оценување на учениците преку вреднување на практичното знаење на ученикот, наместо фактографско меморирање.

Финансиите, пак се најважниот фактор за квалитетно образование и тоа стабилно финансирање кое ќе биде доволно за  унапредување и модернизирање на образовните процеси и работните услови, за надградување на знаењата на наставниците и професорите, за активно и стимулирано учење, за иновации и за истражувања што ќе имаат додадена вредност на економијата и општеството и за инфраструктура, како и за задржување на талентите во земјата и за спречување на нивното иселување од државата.

Во таа насока, за да може да се реализираат започнатите реформските процеси, неизбежно е да се зголемат издвојувањата на средства за образованието од БПД, од сегашните 3,7%  на 5%. Се разбира, тоа не може веднаш, поради состојбите во кои се наоѓа државата како резултат на разните кризи што ја погодија нашата земја последниве години и чии последици уште долго ќе ги чувствуваме, но можно е со конзистентно покачување во текот на 5 години, секоја година по 0,30%. Ваквото барање го оправдуваме со фактот дека средствата што сега се одвојуваат не само што не се доволни, туку се и далеку под просекот предвиден од ОЕЦД кој изнесува 5%.

Но, и ние како Комора не очекуваме само државата да вложува во обрaзованието и нашите активности се насочени и кон финансиска поддршка на стручното образование и обука. Комората и Коморскиот инвестициски форум на 6-те земји од Западен Балкан, преку Германската банка за инвестиции (KFW), обезбедија финансиски средства за модернизација со машини и опрема во висина од  150.000 до 600.000 евра  на конзорциуми составени од училишта/факултети и компании за реализација на дуалниот модел на образование. На првиот повик се обезбедени 3,4 милиони евра за 8 конзорциуми (7 стручни училишта и 1 факултет, кои имаат потпишано договор со 29 компании), на вториот повик се обезбедени 2,72 милиони евра за 6 конзорциуми од нашата земја (37 компании со 4 стручни училишта и 2 високообразовни институции), а третиот повик се обезбедени 951,905 евра за 2 конзорциума (17 компании со 1 стручно училиште 1 високообразовна институција)

Комората е сериозен партнер во процесот на образованието, партнер кој знае да се носи со сите предизвици на новото време, а успешната и ефикасната координација на плановите, приоритетите и активностите е клучот да создадеме квалитетно образование прилагодено на технолошкиот развој и градење стручен кадар со соодветни вештини и знаења, кој ќе биде препознаен на пазарот на трудот и ќе може брзо и лесно да се вклучи во современите економски текови.

 

Пишува: м-р Наташа Јаневска, проектен мeнаџер во СКСМ

Стопанска комора на Северна Македонија

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан