• понеделник, 23 декември 2024

Јаневска-Гир: Посветено работиме да создадеме европски образовен систем за учениците

Јаневска-Гир: Посветено работиме да создадеме европски образовен систем за учениците

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска остварила работна средба со шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Дејвид Гир на која разговарале за јакнењето на соработката и имплементацијата на проектите за унапредување на националниот образовен систем.

Како што соопштија од МОН, заблагодарувајќи се за континуираната поддршка од Европската унија во реформските процеси, министерката нагласила дека земјата ќе продолжи посветено да работи заедно со ЕУ и во духот на партнерството и заедничките вредности, ќе ги реализира активностите од Реформската агенда 2024-2027 насочени кон исполнување на целите од Планот за раст за земјите од Западен Балкан.

-Активното учество на земјава во реализација на европската агенда преку ИПА фондовите, програмите за мобилност, ни даваат верба дека нашите ученици во скоро време ќе се образуваат преку еден модерен, европски образовен систем. Новиот систем за дигитално следење на постигнувањата на учениците, односно електронскиот дневник кој исто така е изработен со поддршка од ЕУ е само една алка во синџирот на имплементација на современите образовни стандарди, истакнала Јаневска.

Министерката Јаневска го запознала амбасадорот Гир со политиките на новата Влада во областа на образованието и науката, посочувајќи дека состојбата е таква што наложува истовремено делување во сите сегменти на ресорот, наведуваат од Министерство за образование и наука. вг/цр

Фото: МОН

Остани поврзан