Јакин сигурен пред Италија: Ова е ново поглавје во нашето ривалство
- Фудбалерите на швајцарската репрезентација уште еднаш докажаа дека можат да бидат повеќе од конкурентна репрезентација на големите натпреварувања. Откако освоија бод од Германија и излегоа од групата А на второто место, сега се соочуваат со најголемиот предизвик досега - Италија во осминафиналето.

Берлин, 29 јуни 2024 (МИА) - Фудбалерите на швајцарската репрезентација уште еднаш докажаа дека можат да бидат повеќе од конкурентна репрезентација на големите натпреварувања. Откако освоија бод од Германија и излегоа од групата А на второто место, сега се соочуваат со најголемиот предизвик досега - Италија во осминафиналето.
Во пресрет на споменатиот натпревар, селекторот на швајцарската репрезентација Мурат Јакин најави дека и покрај сите пофалби за неговиот тим, „азурите“ и понатаму се фаворити.
-Докажавме дека добро се подготвуваме за натпреварите против големите нации. Не сакам да кажам кој е фаворит, но добро ја познаваме Италија, нивната тактика, нивниот квалитет, изјави Јакин.
Селекторот со турско потекло истакна дека неговиот тим веќе покажал дека може да биде подобар од тимот на Апенинскиот Полуостров.
-Во квалификациите за Светското првенство бевме подобри од Италија и ги испративме во баражот. Ова е ново поглавје во нашето ривалство со Италија, изјави Јакин.
Јан Зомер, голманот на швајцарската репрезентација изјави дека познава многу италијански играчи и додаде дека Италија е фаворит.
-Подготвени сме да се прилагодиме на нивната тактика. Тие се бранат како тим. Но, сакам да се фокусирам на нашата игра и како да ги изненадиме. Нашиот успех го должиме на нашиот квалитет во контранападот, рече Зомер.
Натпреварот меѓу Италија и Швајцарија се игра во Берлин од 18 часот. дс
Фото: Принтскрин