• среда, 27 ноември 2024

Јакимовски: Мојата заложба ќе оди во насока на отворање нови пазари

Јакимовски: Мојата заложба ќе оди во насока на отворање нови пазари

Кавадарци, 9 април 2024 (МИА) - Мојата заложба ќе оди во насока на отворање на нови пазари, имајќи предвид дека со војната во Украина македонските земјоделци го загубија белорускиот и рускиот пазар, изјави денеска во Кавадарци и Неготино, кандидатот за претседател на државата, Стевчо Јакимовски, кој оствари средби со жители на Тиквешијата. 

Тој рече дека претседателот на државата мора да ја развива и економската дипломатија. 

Но очигледно дека ниту Владата, ниту претседателот на државата се интересираат каде можат да се пласираат земјоделските производи. Буквално целата воена опрема што ја имавме и хеликоптерите и „Сухоите“ и ракетните фрлачи и така натаму, сѐ што можевме да дадеме, дадовме, меѓутоа со сета таа воена опрема што им ја дадовме, воопшто не се потрудивме да одат и дел од земјоделските производи, рече Јакимовски.

Во мене, додаде претседателскиот кандидат, земјоделците ќе имаат сигурен поддржувач.

- Заедно со мене кога ќе одам на службени патувања, постојано ќе треба да оди и министерот за економија, да се отвораат нови пазари, нови можности за македонското земјоделие, особено за конзервната индустрија што се развива во овој дел од регионот. Значи овде воТиквешијата и оној дел кон Гевгелија, појасни Јакимовски. 

Тој нагласи дека грижата за земјоделците е многу важна. 

- Јас сакам да напоменам дека не може претседателот да се држи само до овие што ги има уставни надлежности, а да не нѐ интересира за тоа како живеат земјоделците, како живеат нашите граѓани, да нема воопшто никаква реакција кога ќе се затвори некој пазар како резултат на виша сила, а војната во Украина е виша сила. За изгубените пазари и воведените санкции македонските земјоделци не добиваат никакви компензации, значи тука тоа прашање мора да го отвори претседателот на државата, смета Јакимовски. 

Како претседател додаде дека ќе инсистира за поттик и развој на наменската индустрија и отворање катедра за вооружување на Машинскиот факултет. Јакимовски рече дека постојат огромни можности во делот на таа индустрија. 

- Затоа што, во наредните 20 години ќе има глад за оружје и муниција, имајќи ја во предвид војната во Украина, што сигурно нема да запре наредните две години, изјави Јакимовски во Кавадарци. свд/


Фото : МИА 

Остани поврзан