• среда, 25 декември 2024

Јавните претпријатија „Водовод“ од Куманово и од Врање во рамки на прекуграничен проект ќе набавуваат по една работна машина

Јавните претпријатија „Водовод“ од Куманово и од Врање во рамки на прекуграничен проект ќе набавуваат по една работна машина

Куманово, 6 декември 2023 (МИА) - Јавните претпријатија „Водовод“ од Куманово и од Врање преку прекуграничен проект соработуваат и набавија градежни машини за потребите на граѓаните, соопштија денеска надлежните од претпријатијата кои го промовираа проектот во Куманово.

Проектот „Зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија со заедничка цел, подобрување на животната средина“ има за цел да понуди поквалитетни услуги кон граѓаните преку набавка на опрема за двете претпријатија.

- Вредноста на сумата 310.000 евра кои се делат рамномерно на двете претпријатија. „Водовод“ ќе добие цистерна под притисок која ќе служи за прочистување на атмосферска и фекална канализациска мрежа. Ваков вид на специјално возило со ваква намена ЈП „Водовод“ последен пат доби во 1996-та година. Се надеваме дека ќе ја подобриме услугата кон граѓаните, изјави директорот на ЈП „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Финансискиот директор на „Водовод“ Врање, Наташа Димитријевиќ, кажа дека ваквите проекти се исклучително значајни за функционирањето и ефикасноста на претпријатијата. Таа дополни дека ќе добијат специјално возило градежна машина, за изградба и продолжување на канализациска мрежа за заштита од евентуални поплави.

- Првпат учествуваме во ваков проект. Со кумановскиот „Водовод“ и претходно сме имале соработка во размена на искуства. Се надеваме дека и во иднина ќе продолжиме, важно е да се понуди што е можно подобра услуга за граѓаните, рече Димитријевиќ.

Најголем проблем за Куманово се оние точки каде нема атмосферска мрежа. При поројни дождови атмосферската вода се приклучува кон канализациската мрежа, при што водата се излева и ги „поплавува“ улиците.

Двете претпријатија се надеваат и на идна заедничка соработка, користејќи фондови од ЕУ, за прекугранична соработка.

Од ЈП „Водовод“ велат дека во соработка со општина Куманово веќе изработиле проект за реконструкција на филтер станицата во висина од 1, 3 милиони евра, средства кои се обезбедени и се очекува проектот да почне во март, наредната година. Од претпријатието најавија дека наскоро ќе стигне и уште едно возило, „кип“ преку североисточниот плански регион чијашто вредност е околу 50.000 евра. ам/цр


Фото: МИА

Остани поврзан