Јавен конкурс за годишни награди на ЗНМ
- Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) објави јавен конкурс за доделување на годишни награди. Секоја година, ЗНМ доделува две награди за новинари - наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство. Освен овие награди, ЗНМ ќе додели награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење и награда за најдобар снимателски проект од јавен интерес за 2024 година.

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) објави јавен конкурс за доделување на годишни награди. Секоја година, ЗНМ доделува две награди за новинари - наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело и наградата „Јашар Еребара“ за истражувачко новинарство. Освен овие награди, ЗНМ ќе додели награда за најдобро новинарско известување за теми од локално и регионално значење и награда за најдобар снимателски проект од јавен интерес за 2024 година.
Од ЗНМ соопштија дека за наградата за животно дело кандидатите може да се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Освен личните податоци на кандидатот и кратка биографија, во пријавата се доставува и образложение за остварувањата на кандидатот кои што оставиле посебна трага во македонското новинарство.
Кандидатите за годишната награда за истражувачко новинарство се пријавуваат сами или по предлог на тројца новинари. Медиумските продукти треба да бидат сериозни новинарски истражувања објавени во текот на 2024 година во медиумите во Македонија, посветени на важни прашања за пошироката заедница. Приказните треба да откриваат злоупотреби на власта и моќта, како и кршење на човековите права и слободи. Тие треба да бидат оригинални и поткрепени со факти проверени од разни извори на информации.
Кандидатите за наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2024 година потребно е да работат или да се ангажирани во локални и регионални медиуми или пак да се дописници на национални медиуми во државата надвор од градот Скопје. Пријавата и за оваа категорија може да биде поднесена од самиот новинар или по предлог на тројца новинари.
Кандидатите за наградата за најдобар снимателски проект од јавен интерес за 2024 година потребно е да се членови на ЗНМ и Секцијата на сниматели при ЗНМ, снимателскиот проект да е од информативна содржина од висок јавен интерес како и да биде објавен во домашен медиум (традиционален или дигитален медиум). Пријавата и за оваа категорија може да биде поднесена од самиот снимател или по предлог на тројца сниматели.
Како што потенцираат од ЗНМ, во апликацијата за наградата за истражувачко новинарство и новинарско известување на теми од локално и регионално значење, како и за наградата за најдобар снимателски проект од јавен интерес за 2024 година потребно е да се наведе функционален линк од објавата, а доколку се доставува лично во канцелариите на ЗНМ материјалот треба да биде испечатен или снимен на USB. Пријавите за овие категории на награди треба да содржат најмногу до два новинарски односно снимателски продукти кои се објавени во текот на минатата година.
-Пријавите треба да се достават до ЗНМ најдоцна до 21 февруари 2025 година на електронска пошта contact@znm.org.mk. Предметот на електронската порака треба да биде „ЗА ЗНМ НАГРАДА 2024“ а секој апликант ќе добие повратна порака за прием. Препорачана пошта, адресирани до: Здружение на новинарите на Македонија, Градски Ѕид, блок 13, 1000 Скопје, РСМ или Пријавите треба да бидат означени: „За ЗНМ НАГРАДА 2024“ во предметот на електронската порака или напишано на ковертот, се наведува во соопштението.
Од Здружението велат дека на добитникот на награда за животно дело ќе му се додели плакета, додека за останатите три (за најдобрата истражувачка сторија и за наградата за најдобро новинарско известување на теми од локално и регионално значење за 2024 година како и за наградата за најдобар снимателски проект од јавен интерес за 2024 година) наградените ќе добијат плакета, како и парични награди во износ од 1.000 евра по награда во денарска противредност.
Изборот на добитниците ќе го изврши Комисија за доделување на наградите на ЗНМ. бт/дма/
Фото: ЗНМ