• понеделник, 30 декември 2024

Јавен градски превоз утре само до 9 часот, а потоа ќе се чека на одлуката на советниците

Јавен градски превоз утре само до 9 часот, а потоа ќе се чека на одлуката на советниците

Скопје, 21 јануари 2024 (МИА) - Јавен превоз утре ќе има до 9 часот, а потоа автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ќе се повлечат се до очекување на одлуката на седницата на Советот на Град Скопје за исплата на декемвриската плата и на субвенциите од 11 милиони евра за претпријатието. Редовно ќе сообраќаат само комбињата за превоз на лица со посебни потреби и автобусите кои вршат организиран превоз за ученици за кои ЈСП има договор со училиштата и општините.

Претседателот на Синдикатот на ЈСП Миќо Стојановски, појаснува дека со тоа ќе се излезе во пресрет на учениците да стигнат до училиштата, со оглед дека почнува второ полугодие и граѓаните и вработените до своите работни места, до болниците...

-270 автобуси на ЈСП утре ќе се вклучат на сите линии и ќе сообраќаат до 9 часот, а потоа се враќаат во двете авто - бази и ќе останат се додека не се донесе одлука на седницата на Советот на Град Скопје во врска со субвенциите од 11 милиони евра за претпријатието. Доколку парите легнат уште дента на сметката на ЈСП истиот ден ќе биде возобновен превозот, изјави за МИА Стојановски.

Тој најави дека во 10:30 часот значителен дел од вработените на ЈСП ќе бидат пред вратите на Советот на Град Скопје, каде ќе се носи одлуката за субенциите на јавниот градски превоз.

Стојановски подвлекува и дека нема да прифатат половични одлуки. Очекуваат да биде донесена одлука за целосниот износ на субенциите за ЈСП од 11 милиони евра, кој треба да овозможи редовна исплата на платите за вработените за 2024 година.

-Ако советниците не донесат одлука за исплата на целосниот износ на субвенциите, остануваме на ставот да нема превоз. Не чека изборна година во која поради законски ограничувања, повторно е можно одлагање на одлуките за субенциите за претпријатието и доцнење на платите, а тоа нема да го дозволиме, подвлекува Стојановски.

Вонредната седница на Советот на Град Скопје на која како единствена точка на дневен ред е одлуката за субвенциите од 11 милиони евра за ЈСП, е закажана за утре, во 11 часот. Ова е четврти пат како одлуката за субенциите на ЈСП се става на седница на Советот на Град Скопје. вг/фф/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан