• вторник, 24 декември 2024

Ѓурѓај: Трудот „Македонското традиционално народно пеење во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ на Андријана Јаневска од непроценливо значење за Македонците

Ѓурѓај: Трудот „Македонското традиционално народно пеење во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ на Андријана Јаневска од непроценливо значење за Македонците

Тирана, 21 ноември 2023 (МИА) - Трудот на македонска пејачка и музичарка Андријана Јаневска на тема „Македонското традиционално народно пеење во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора“ за нас Македонците е од непроценливо значење, бидејќи, меѓу другото се намалува просторот за фалсификување на нашата, македонска народна песна, оценува Никола Ѓурѓај, претседател на МД „Илинден"-Тирана.

Според него, во овој труд, се опфатени неколку многу важни теми за Македонците во Албанија, а започнува со стандардниот вовед за запознавање на читателите со темата која се обработува.

-Потоа, д-р Јаневска се задржува на географско-историските и демографско-социополитички особености во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора. Покрај тоа, дава и осврт врз досегашните проучувања на музичкиот фолклор на Македонците, потоа обредите и обредно пејачките жанрови кои се поделени на календарски обредни песни, песни од животниот циклус, ороводни песни, лирски песни, печалбарски песни и балади, додава Ѓурѓај.

Се обработува и тема за традиционалните музички инструменти кои Македонците ги користат при изведбата на македонските народни песни, потоа современата состојба на македонскиот музички фолклор во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора.

Исто така, претставени се фолклорни манифестации, собири и фестивали, како и медиумското претставување на традиционалните пејачки форми кај Македонците во трите области.

-Особено значаен дел во овој труд претставува делот во кој ги обработува структурно-композициските законитости на македонските народни песни преку метроритмичката компонента на песните, како и со обработка на мелодиско-созвучната компонента во македонските народни песни во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, посочува тој.

Од исклучително значење за македонската традиција во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора  претставуваат прилозите во кои се наоѓаат напеви и поетски текстови во традиционалното народно пеење на Македонците и дијалектни текстови во трите области, речникот на помалку познати зборови и дејалектизми во текстовите, регистри, илустрации.

-Без намера да правиме детална анализа или рецензија на докторскиот труд на д-р Андријана Јаневска, нам, на Македонците во Албанија нѝпретставува особена чест што еден македонски научник ја документираше и ја обработи македонската народна песна која со векови се пренесува од колено на колено во македонските средини во Албанија, рече Ѓурѓај.

Докторската дисертација Јаневска ја одбранила вчера во Институт за фолклор „Марко Цепенков” на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. вт/фф/

Фото: Фејсбук на Андријана Јаневска/МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан