• недела, 29 декември 2024

Ѓуровиќ: Во Србија не очекуваме масивен прилив на мигранти

Ѓуровиќ: Во Србија не очекуваме масивен прилив на мигранти
Белград, 12 март 2020 (МИА) - Во Србија не е реално да се очекува голем, масивен прилив на мигранти како што беше во 2015 година, пред се затоа што мигрантите се задржуваат на границата со Турција, потоа и Грција и Бугарија, но и Европската Унија (ЕУ), даваат се од себе за да ги сопрат луѓето при самиот обид, изјави директорот на српскиот Центар за заштита и помош на барателите на азил, Радош Ѓуровиќ, јави дописникот на МИА од Белград. - Само ако Грција одлучи да ги пропушти овие луѓе и да ја охрабри миграцијата понатаму, ние тогаш би имале проблем на нашите граници, објасни Ѓуровиќ и процени дека таквото сценарио е скоро неверојатно, изразувајќи уверување дека проблемот ќе се реши на преговарачката маса меѓу Турција и ЕУ. Ѓуровиќ потсети дека постои постојан прилив на мигранти во Србија, мерен со стотици луѓе и додаде дека „загрижува туркањето на луѓето назад“, што значи враќање на мигрантите кои ги преминуваат северните граници на Србија и преминуваат на територијата на земјите од ЕУ, бидејќи тоа може на долг рок да создаде проблеми со понатамошниот прием на мигранти во Србија. - На пример, Унгарија, Романија и Хрватска враќаат десетици луѓе назад во Србија и тоа се илегални активности на соседните гранични полиции, оцени Ѓуровиќ. Според проценките на Центарот, во Србија има 7.000 бегалци и мигранти, а околу 5.500 лица се сместени во прифатните центри. - Најмалку 1.500 лица се без сместување, пред се на границите со Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Унгарија, како и во урбаните места како што се Белград и Суботица, рече Ѓуровиќ. Тој кажа дека во Србија првенствено доаѓаат лица кои главно бегаат од воените зони, Авганистан, Ирак, Сирија, Пакистан и Северна Африка. об/ми/

Остани поврзан