• недела, 24 ноември 2024

Ѓорѓиевски: Ќе се избориме за поголема финансиска стабилност на општините од централната власт

Ѓорѓиевски: Ќе се избориме за поголема финансиска стабилност на општините од  централната власт

Скопје, 12 мај 2023 (МИА) - Претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, во своето обраќање за време на четврта седница на Генералното собрание на ЗЕЛС, истакна дека се лоцирани повеќето аномалии кои го оневозможуваат развојот на општините и кои бараат итно унапредување на методологијата за правично насочување на средствата од централно на локално ниво во согласност со европските практики и обезбедување на еднаков третман на општинската во однос на државната даночна администрација.

- Промените не се веќе потреба, туку неопходност. Ние мора заедно да се бориме за нашите права и заедно да направиме промена во нашите општини. Ситуацијата не е лесна, напротив, пред нас има големи препреки, но заедно сме во ова и ќе успееме. Јас, како Претседател на ЗЕЛС нема да дозволам некој да не третира нас и нашите општини , а со тоа и нашите граѓани со потценување и нема да дозволам некој да си поигрува со нашите финансии на сметка на собирање на политички поени, подвлече Ѓорѓиевски.

Пред градоначалниците и претставниците од Комитетот на советите, тој информираше и за активностите што се реализирани во минатата година и за постигнатите резултати, за евидентираните проблеми и планираните активности за нивно наминување. Притоа, се фокусираше  на периодот после 30 јануари, од кога тој беше поставен за Претседател на ЗЕЛС.

Како што информираат од Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски најмногу се задржа на енергетската криза, која периодов е еден од најголемите предизвици за секоја локална самоуправа. Како што истакна,  и покрај трите состаноци со централната власт на највисоко ниво, вклучително и со Претседателот на Владата, наместо да се изнајде решение во корист на граѓаните, состојбата дополнително се влоши преку носење на два документа-изоставувањето на категоријата „улично осветлување“ од Тарифникот на новите цени на струјата и забраната од Владата до општините да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување.

- За првото,  ЗЕЛС лобираше за враќање на оваа категорија во Тарифникот или за итно донесување на измени во Законот за комунални такси. Иако Министерството за финансии констатира дека е потребно да се направат законските измени, од таму до ден денес нема никакви поместувања. Предлозите од централната власт беа во насока, општините сами, преку советите да ја утврдат висината на оваа такса, што е апсолутно неприфатливо и поради тоа, ЗЕЛС испрати предлог до Министерството за финансии, цената на уличното осветлување да се пресметува со просечната цена на високата и ниската тарифа за мал потрошувач,  зголемен за коефициентот LV 1.1., посочи Ѓорѓиевски.

Во однос на владината забрана општините да формираат сопствени претпријатија за менаџирање со јавното осветлување, а оние општини што основале вакви претпријатија да ги укинат, тој информираше дека ЗЕЛС покренала иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката, со утврдување на предлог за донесување на времена мерка со која ќе се запре примената на истата, но минатата недела стигнало Решение со кое оваа иницијатива беше отфрлена, со којашто, според Ѓорѓиевски, општините повторно се доведоа до финансиски подредена состојба.

Во своето обраќање пред делегатите тој проговори и за давањето можност на општините да формираат претпријатија за обезбедување на електрична енергија од обновливи извори. Потенцираше дека сите локални самоуправи ќе мора да посветат внимание на изнаоѓањето на начини за обезбедување на средства за оваа намена од европски проекти или други извори за финансирање, затоа што не се знае како понатаму ќе се одвива состојбата со енергетската криза.

Како позитивна, Ѓорѓиевски ја издвои вонредната мерка со која основните и средните училишта, како и јавните претпријатија за снабдување со вода беа префрлени на регулиран пазар.

Информираше дека лобирањето на ЗЕЛС, во следниот период ќе биде насочено кон тоа училиштата да не се третираат како профитни организации бидејќи, според него, е неприфатливо да се плаќа по тарифа како за стопанственици и дека е задоволен што за ова ЗЕЛС има поддршка и од УНИЦЕФ.

Во контекст на Министерството за образование и наука кое заедно со УНИЦЕФ  ја работи новата предлог –методологија за распределба на блок дотациите за основно образование, Ѓорѓиевски укажа дека ставот на ЗЕЛС кој е испратен и до МОН, е дека е неопходно зголемување на блок дотациите за образование, бидејќи има општини  кои 95 % па и 97% од овие средства ги трошат за  плата на вработените, а сето останато го покриваат од свои средства. 

На Генералното собрание се продискутира и за состојбата со противпожарните единици и малите средства кои општините ги поседуваат за оваа намена. За остварената средба со министерката за животна средина и просторно планирање и за чекорите што ќе се преземаат за  искористување на средствата од двата заема на државата од Светска Банка и од Европска банка за обнова и развој.

Ѓорѓиевски информираше и за ревидираниот документ за систематизираните ставови на ЗЕЛС, во кој се потврдува дека се потребни поголеми финансиски средства од централната власт за соодветно остварување на приоритетите на ЗЕЛС, како што се обезбедување на поголема финансиска стабилност, реформи во организацијата на локалната власт и префрлање на нови надлежности. сх/нд/

Фото: Општина Кисела Вода

Остани поврзан