• понеделник, 16 декември 2024

Ѓорѓиевски: Основните училишта во Кисела Вода ќе добијат соларни панели

Ѓорѓиевски: Основните училишта во Кисела Вода ќе добијат соларни панели
Скопје, 17 март 2023 (МИА) - Основните училишта низ Општина Кисела Вода, ќе добијат соларни панели, како одговорно и домаќинско решение за снабдување со електрична енергија, најави денеска градоначаникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, при одбележувањето на патрониот празник на ООУ Кузман Шапкарев во населбата Драчево. Тој положи цвеќе пред бистата на големиот херој по кој е именувано училиштето во кое и самиот ги минал училишните денови.
 
Ѓорѓиевски, како што соопштија од општината, пред присутните говореше за инвестициите кои Општина Кисела Вода ги спроведува во насока на унапредување на образовниот процес и истакна дека минатата година во ООУ Кузман Шапкаревбила изградена сензорна соба која значително го олеснува и подобрува образовниот процес на учениците со попреченост, а потенцираше и дека инвестицискиот процес оваа година ќе биде дополнително засилен.
 
-Убаво е да се биде дел од една долга и успешна приказна, каква што е оваа, на училиштето „Кузман Шапкарев”, што е 52 години континуиран растеж и успеси, кои се причина за гордост на секој вработен, но и на секој ученик кој излегол од тука и зачекорил кон иднината. Моменти за паметење од ова училиште носам и јас, како некогашен ученик и сокласник на многу од моите денешни пријатели. После повеќе од 20 години, го гледам „Кузман Шапкарев” со истата голема љубов, но денес, од позиција на човек кој ја има одговорната задача да работи на решавање на предизвиците поврзани со функционирањето на ова училиште. Како градоначалник, со големо задоволство работам на благородната задача да ги унапредиме условите за 695-те ученици на кои тука им се одвива наставниот процес, нагласи градоначалникот. 

Тој најави дека „Кузман Шапкарев” е едно од основните училишта во Општина Кисела Вода за кое планираат изградба на фотоволтаична централа со соларни панели.

- Во услови на енормно зголемени цени на електричната енергија кои секојдневно растат, овој зафат претставува одговорно и домаќинско решение за снабдувањето со електрична енергија. Преку искористување на сончевата енергија, на еколошки начин ќе ги задоволиме потребите за електрична енергија на училиштето, а ова ќе биде и добар практичен пример за сите ученици за тоа како со енергетска ефикасност се штедат енергија и финасиски средства. За реализација на овој голем зафат сме во фаза на аплицирање за обезбедување на средства од Бирото за регионален развој преку Скопскиот плански регион и се надевам дека тие ќе ги препознаат нашите заложби и позитивно ќе одговорат на барањето кое ќе овозможи поевтино и еколошко снабдување на училиштата во нашата општина, посочи Ѓорѓиевски. см/вг/

Остани поврзан