• понеделник, 23 декември 2024

Ѓорѓиевски: Младите брачни двојки ќе бидат ослободени од плаќање комуналии за градење куќа во Кисела Вода

Ѓорѓиевски: Младите брачни двојки ќе бидат ослободени од плаќање комуналии за градење куќа во Кисела Вода

Скопје, 2 октомври 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска ја промовираше новата мерка „Кисела Вода - адреса за заеднички дом“ преку која брачните парови до 40-годишна возраст, кои немаат друг имот во своја сопственост, од Општината ќе добијат можност за ослободување од плаќање надомест за уредување на градежно земјиште.

Покрај тоа, како што нагласи, овој проект овозможува полесен пат до сопствен дом и значаен чекор напред во борбата за демографска обнова на Македонија, во борбата против депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе.

- Придонесуваме и кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственост на недвижниот имот, бидејќи „Кисела Вода - адреса за заеднички дом“ бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори. Денеска го промовираме стартот на кампањата „Кисела Вода - адреса за заеднички дом“. Се работи за мерка која претставува директен одговор на потребите на младите брачни парови кои се стремат да изградат свој дом во нашата општина и претставува значаен чекор напред во борбата за демографска обнова на Република Македонија. Преку ослободувањето од плаќањето на комуналии, предвидено на ниво од 40 отсто за објекти во рамки на ГУП на Град Скопје и 100 отсто за објекти надвор од ГУП, нашата општина го олеснува патот кон изградба на сопствени домови за младите. Илустративно, за изградба на куќа од 100 квадратни метри во Црниче, младата брачна двојка би добила финансиско ослободување во износ од 6600 евра, додека во село Драчево, за истата квадратура, ослободувањето би било 5000 евра, рече Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција.

Тој најави дека дополнително во наредниот период ќе бидат обезбеди три типски проектни документи за куќа од 80, 100 и 120 квадрати, кои бесплатно ќе може да се симнат од општинската веб-страница.

- Условите за изградба на објекти со намена А1-Домување – односно куќи, се прилично едноставни: Инвеститори мора да бидат двата брачни другари, кои не се постари од 40 години, брачните другари да немаат друг објект во нивна сопственост и да не водат постапка за легализација на бесправно изградени објекти, проектот, како составен дел од документацијата за одобрение согласно закон, да содржи само една станбена единица и инвеститорите мора да склучат договор со општината дека објектот нема да го оттуѓуваат во рок од 10 години од денот на склучувањето на договорот, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода. 

Оваа одлука, како што нагласи, вчера доби мнозинска поддршка од Советот на нашата општина. 

-„Кисела Вода – адреса за заеднички дом“ не е само мерка, туку и визија за заедничка иднина. Со овој чекор, ние придонесуваме за демографскиот развој на нашата држава, која се соочува со значајни предизвици во контекст на депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе. Впрочем, и Владата на Република Македонија го постави демографскиот развој како клучен приоритет за стабилноста и економскиот напредок на нашата земја и секој од нас, е должен да вложи максимални напори за да ја поддржиме нашата младина да остане овде, да создаде дом и семејство, потенцираше Ѓорѓиевски.

Преку „Кисела Вода – адреса за заеднички дом“, според него, паралелно се придонесува и кон поголема родова еднаквост во сферата на сопственост на недвижниот имот.

- Според податоците, само 27 отсто од сопствениците на недвижности се жени и затоа со предлог-одлуката, која бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори, ние создаваме услови за поголема еднаквост, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски. мд/са/

Фото: Општина Кисела Вода 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан