Ѓорѓиевски: Локалната власт мора да биде отчетна и одговорна
- На четвртиот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа што се одржува денеска во Скопје, Ѓорѓиевски заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински и претставници од МЛС, градоначалници, експерти, УНДП и граѓанскиот сектор, дискутират за клучните реформи што треба да ја направат локалната власт поодговорна и поефикасна.

Скопје, 17 февруари 2025 (МИА) - Локалната власт мора да биде ефикасна, отчетна и вистински одговорна пред оние кои им го дале мандатот и довербата, порача претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
На четвртиот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа што се одржува денеска во Скопје, Ѓорѓиевски заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински и претставници од МЛС, градоначалници, експерти, УНДП и граѓанскиот сектор, дискутират за клучните реформи што треба да ја направат локалната власт поодговорна и поефикасна.
Главното барање, кое беше иницирано од ЗЕЛС е воведување механизам за отповикување на градоначалниците. Според Ѓорѓиевски, оваа законска промена е неопходна, бидејќи во моментов градоначалниците се единствените функционери во државата кои не можат да бидат отповикани.
- Она што ние од самиот почеток го побаравме, а наиде на најголем интерес кај јавноста е отповикувањето на градоначалник. Можноста, повторно суверенот-граѓанинот да ја има моќта и да го разреши оној кој го гласа и го назначува, односно градоначалникот, кој патем е единствениот функционер во моментот во државата кој не може да биде отповикан, рече тој.
Дополни дека од четвртата сесија очекува предлози кои ќе донесат перспектива.
- Ова е четврта сесија на која што се разговара отворено, транспарентно за сите измени кои што треба да ги претрпи Законот за локална самоуправа. Има прашања кои долги години лебдат, не биле затворени и ова е вистинска можност силата да се врати кај суверенот, кај граѓаните, поврзано со мандатите на градоначалниците, но ние бараме да биде исто и со советниците, така што верувам дека денес ќе произлезат и нови предлози, добри предлози кои во перспектива можат да бидат имплементирани, дополни тој.
Претходно, министерот за локална самоуправа Златко Перински изјави дека очекува до летово да заврши целата постапка за измена на Законот за локална самоуправа и новите кандидати за градоначалници во ноември годинава да бидат избрани по новото законско решение со кое ќе биде предвидена можноста за референдумско отповикување на градоначалник, воведувањето на комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.ар/ев/
Фото:Општина Кисела Вода