• сабота, 23 ноември 2024

Ѓоргиевска: Ромките кои се оствариле во своите области се надеж за оние кои уште го пробиваат патот

Ѓоргиевска: Ромките кои се оствариле во своите области се надеж за оние кои уште го пробиваат патот

Скопје, 7 март 2020 (МИА) - Сите жени и девојки Ромки кои професионално се оствариле во своите области се охрабрување и надеж за оние кои се уште си го пробиваат патот, истакна сопругата на Претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска на денешниот настан „Ромската жена во 21-ви век - можности, придонеси и предизвици" организиран од Коалицијата на ромски невладини организации „Khetane“.

На настанот организиран по повод Меѓународниот ден на жената - 8 Март, Ѓоргиевска рече дека верува оти на жените не им недостига храброст, упорност, желба и надеж во отстранување на дискриминацијата, стереотипите и предрасудите, ограничениот пристап до образованието, домувањето и пазарот на трудот.

-Знам дека речиси секоја жена, особено жената Ромка се уште мора да се справува со нееднаквиот пристап до вработување, родовите и етничките бариери. Затоа, денеска сме тука да ја констатираме и поздравиме упорноста и работата на граѓанскиот сектор, кој од моја гледна точка, има значаен удел врз унапредувањето на положбата на ромската жена, рече Ѓоргиевска.

Таа додаде дека општествена дожност и заедничка заложба е да се работи посветено за надминување на сите предрасуди кон жените. Декадата на Ромите и Стратегијата за Ромите, според неа, имаа придонес за подобрување на состојбата.

-Сите вие, а и вашите пријателки соработнички, напредни жени со кои соработувате, имаа удел во менување на свеста за улогата на ромската жена во нашата земја. Вие ги носите позитивните промени, охрабрувате, поддржувате, свртувате внимание на проблемите, поттикнувате и мобилизирате. Верувам дека вашата заедница, благодарение на вас, ќе има подобро утре. Солидарни сме и благодарна сум ви на вас што не се откажувате во ниеден момент, пред ниедна бариера, појасни Ѓоргиевска.

Како што рече, тука е за да ја подигне свеста и да укаже на проблемите со кои се соочуваат жените, да ги пренесат нивните заеднички пораки за праведност и еднаквост во сите сфери.

- Колку побројни ќе бидеме толку побрз и поголем успех ќе имаме. Секој нареден успех на секоја жена во нашата поширока заедница, ќе биде потврда и мотив да продолжите со вашата иницијатива и борба, порача Ѓоргиевска.бт/лв/

Остани поврзан