• среда, 25 декември 2024

Ѓилас ја повика ЕУ да ги вклучи Србија и Западен Балкан во вакцинација

Ѓилас ја повика ЕУ да ги вклучи Србија и Западен Балкан во вакцинација
Белград, 24 декември 2020 (МИА) - Претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, ја повика денеска Европска Унија да ги вклучи Србија и земјите од Западен Балкан во процесот на вакцинација со истите вакцини што ќе се користат во Унијата, со што ќе покаже дека не се точни тврдењата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека европската солидарност е „мртва“. Како што јави допсиникот на МИА од Белград, Ѓилас во писмото до комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји и претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен, оцени дека постои „сериозна закана дека наративот што го користи српската Влада може да ги остави српските граѓани надвор од единствениот европски одговор на кризата со ковид и процесот на имунизација”. - Планот за вакцинација во Европа ќе започне да се реализира за два дена, додека во Србија нема веродостојни податоци за тоа кога, како и кој ќе се вакцинира и со која вакцина. Ова создава конфузија и шири страв кај луѓето, особено имајќи предвид дека власта со месеци ги убедуваа граѓаните дека Србија сама ќе ја направи вакцината. После тоа, тврдеа дека Србија ќе добие неколку милиони вакцини произведени во Кина, и на крајот дека заедно со Русија ќе ја произведува вакцината Спутник, изјави Ѓилас. Во Србија утрово започна имунизацијата со вакцината Фајзер, а први се вакцинирани премиерката Ана Брнабиќ, министерката за труд Дарија Кисиќ-Тепавчевиќ и епидемиологот Предраг Кон. Досега се испорачани 4.875 дози вакцини, а најавено е дека први ќе бидат вакцинирани корисниците на геронтолошки центри. об/ми/

Остани поврзан