• сабота, 23 ноември 2024

Ѓилас: Опозицијата освои 70.000 гласови повеќе во Белград, имаме шанса за промени

Ѓилас: Опозицијата освои 70.000 гласови повеќе во Белград, имаме шанса за промени
Белград, 5 април 2022 (МИА) - Во просториите на Партијата за слобода и правда (ССП) денеска се одржа состанок на сите опозициски изборни листи кои го поминаа цензусот на изборите во Белград или се уште имаат шанса да го поминат: Обединети за победа на Белград, коалицијата НАДА, коалицијата Мораме, Заветници, Двери / ПОКС и листата „Ајде луѓе“, јави дописникот на МИА од Белград. Претседателот на ССП, Драган Ѓилас, изјави дека за опозицијата во Белград гласале 70.000 луѓе повеќе отколку за Српската напредна партија (СНС) и Социјалистичката партија на Србија (СПС), дека поради нерегуларности гласањето ќе се повтори на некои избирачки места и ги повика граѓаните на дополнителните избори да гласаат за опозицијата и да и помогнат на листата „Ајде луѓе“ да влезе во Градското собрание со што ќе се отвори патот на опозицијата да формира власт во главниот град. Ѓилас истакна дека присутните партии на состанокот порачале дека нема да формираат власт со СНС во главниот град. - Опозицијата има податоци од сите избирачки места, а според нив, на изборите во Белград гласале 916.960 гласачи, од кои нешто повеќе од 412.000 ги поддржале СНС и СПС, додека повеќе од 485.000 гласале за другите партии кои не се дел од претходната градска власт, што е јасно дека 70.000 белграѓани се повеќе за промена на сегашната власт отколку оние кои ја поддржуваат актуелната, изјави Ѓилас, додавајќе дека „ќе видат на кои избирачки места ќе поднесат приговори“ и најави дека опозицијата ќе поднесе барање за увид во вреќите со избирачкиот материјал. Тој посочи и дека во првичните резултати што ги објави ГИК не се вклучени 100 избирачки места каде гласале 100.000 луѓе. - Деведесет и девет места имаат помалку или повеќе прекршувања на гласачкиот процес, истакна Ѓилас, додавајќи ја оценката на членот на ГИК од опозицијата Зоран Алимпиќ дека поради нерегуларности гласањето сигурно ќе се повтори на околу 20 отсто места и без никакви приговори од страна на опозиција. Во случај да нема повторување на гласовите, односот на мандатите во Градското собрание меѓу СНС и СПС од едната, и сите останати листи од другата страна, е 55:55, посочи Ѓилас. - Се разбира, со оглед на повторувањето, тој однос може да се промени, оцени Ѓилас и потсети дека листата „Ајде луѓе“ на Борис Тадиќ, според сегашните резултати има 2,80 отсто гласови, а и недостасуваат само 0,2 отсто од гласовите за да го помине цензусот. - Ако го помине цензусот, добива три мандати, два на сметка на СНС и еден на сметка на Обединетите, нагласи Ѓилас, објаснувајќи дека во тој случај односот во собранието може да се смени на 56:54 или дури 57:53, бидејќи опозицијата со само 0,2 отсто повеќе гласови би добила дополнителен мандат. об/

Остани поврзан