• среда, 25 декември 2024

Шукова: Обврските за имплементација на европските закони паѓа на на локална самоуправата, пред се на комуналните претпријатија

Шукова: Обврските за имплементација на европските закони паѓа на на локална самоуправата, пред се на комуналните претпријатија

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Знаеме каде сакаме да одиме, како проблем останува имплементацијата на законите во коешто е транспонирано целото европско законодавство, во најголем дел во животна средина и каде што обврските за имплементација на законите паѓаат на единиците на локална самоуправа и пред се на јавните комунални претпријатија, истакна во изјава за медиумите министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, на Меѓународната конференција на тема „Комуналните услуги во паметните градови“ во организација на АДКОМ – Здружението на даватели на комунални услуги во државата.

Во таа смисла покрај тоа што Владата со заеми и финансиски средства директно ги финансира општините да помогне во имплементацијата на капиталните проекти, особено во делот на управување со отпад, собирање и третман на отпадни води, а секако и во делот на водоснабдување, ја поддржува и институционалната компонента, односно јакнењето на единиците на локалната самоуправа за да можат во иднина самите да ги спроведуваат сите обврски што ги имаат за да дадат услуги на граѓаните по европски стандарди.

На новинарско прашање колку се функционални комуналните претпријатија во државата во врска со овие задачи, министерката Шукова изрази жалење дека комуналните претпријатија не може да се стават во категоријата на ефикасни комунални претпријатија, пред се поради енергетската криза.

-Капацитетите треба да се зајакнуваат, треба да се работи и на човечките ресурси и на финансиските портфолија, истакна министерката Шукова, која информираше дека во моментов има два активни заема кои треба да помогнат во врска со ова, едното за јавните претпријатија во делот на водовод и канализација како државен заем што нема да ги оптовари општините, а второто е од Европската банка за обнова и развој којшто ќе помогне во делот на управување со отпад.

На прашањето што најмногу недостасува во ефикасноста на единиците за локална самоуправа, таа одговори дека рече дека недостасува основната инфраструктура за управување со отпад.

-Ние во моментов немаме стандардна инфраструктура, немаме санитарни депонии, ние имаме само собирање и одлагање на отпадот, немаме сериозна селекција, не ги практикуваме начините за намалување на количините на отпад коишто финално се депонираат, истакна министерката за животна средина и просторно планирање.

Таа исто така информираше дека во моментов тече јавната набавка за контејнери за сите општини во државата за предселекција на отпадот којшто исто така ќе биде преку Владата, односно преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Претседателот на АДКОМ, Пеце Милевски, изјави дека целта на конференцијата е јавните претпријатија, компаниите и учесниците да се запознаат со услугите коишто ги нудат експертите за истата тема и да се запознаат со нови технологии, нови начини на работа и нови принципи.

-Проблемите со кои се соочуваме како јавни претпријатија, но за да ги олесниме услугите коишто ние ги даваме кон граѓаните и корисниците секогаш треба да се трудиме да ги унапредуваме со нови технологии и нови начини и принципи на работа, рече тој. сх/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан