• вторник, 19 ноември 2024

Штрајкот на работниците во американската автомобилска индустрија се прошири во 38 погони во 20 американски сојузни држави

Штрајкот на работниците во американската автомобилска индустрија се прошири во 38 погони во 20 американски сојузни држави

Вашингтон, 22 септември 2023 (МИА) – Американскиот синдикат на работници во автомобилската индустрија Обединетите авто работници (United Auto Workers-УАВ), денеска го проширија штрајкот против големите производители на автомобили во 38 погони во 20 американски држави.

Работниците ја напуштија работата во 38 дистрибутивни центри на Џенерал Моторс и Стелантис.

На штрајкот се приклучија уште 5.600 работници, покрај 13.000 членови на синдикатот кои го започнаа штрајкот пред една недела. Синдикатот брои вкупно 146.000 членови.

Форд е поштеден од дополнителни штрајкови бидејќи компанијата исполни некои од барањата на синдикатите за време на преговорите минатата недела, рече претседателот УАВ Шон Фејн.

- Постигнавме вистински напредок во Форд. Сè уште имаме сериозни проблеми што треба да се решат, но сакаме да признаеме дека Форд покажува сериозност во однос на постигнувањето договор, рече Фејн за време на онлајн презентација пред членовите на синдикатот.

Според него, „во Џенерал Моторс и Стелантис е друга приказна“.

Тие компании, додаде Фејн, ги одбија предлозите на синдикатите за зголемување на платите, поделба на профитот и сигурност на работните места.

Синдикатот укажува на огромниот профит на тие компании и во последните четири години бара зголемување на платите за 36 отсто. Компаниите понудија нешто повеќе од половина од таа сума.

УАВ има и други барања, вклучително и 32-часовна работна недела за 40 платени часови и враќање на традиционалните пензиски планови за новите работници. јт/

Фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан