• среда, 25 декември 2024

Штрахе индиректно најави враќање на политичката сцена во Австрија

Штрахе индиректно најави враќање на политичката сцена во Австрија
Виена, 24 јануари 2020 (МИА) - Поранешниот лидер на Слободарската партија на Австрија (ФПО) и некогашен вицеканцелар Хајнц Кристијан Штрахе, кој во мај годинава поради корупциски скандал беше принуден да поднесе оставка од сите политички функции, индиректно најави враќање на политичката сцена во Австрија, преку настап со Сојуз за Австрија (ДАО) на претстојните покраински избори. Штрахе, во синоќешното обраќање на првиот собир на ДАО, кој кон крајот на годината беше формиран од поранешни функционери на ФПО, рече дека мора да ги реши „домашните задачи“ и да оствари неколку разговори пред конечната одлука. Доколку се одлучи за кандидатура, а ДАО прифати тој да биде носител на нивната листа, оцени дека е можно „силно враќање во Виена“. - Потребно е ново граѓанско движење, рече Штрахе, истакнувајќи дека е подготвен повторно да се врати на политичката сцена. Осврнувајќи се на аферата „Ибица“ призна дека направил грешка. - Да, направив огромна грешка. Тоа не можам да го избришам, ниту да го поправам, рече Штрахе. Во врска со неговите „таканаречени поранешни пријатели“ од ФПО рече дека си го покажале „вистинското лице“, но и дека мора да го совлада разочарувањето од тоа. Во мај, пред изборите за Европскиот парламент, во јавноста се појавија снимки од пред две години, на кои се гледа дека Штрахе наводно на роднина на руски милијардер нуди државни работни места за финансиска поддршка на неговата партија. паг/

Остани поврзан