• сабота, 23 ноември 2024

Што пишува во Резолуцијата за геноцидот во Јасеновац што ја усвои Собранието на Црна Гора

Што пишува во Резолуцијата за геноцидот во Јасеновац што ја усвои Собранието на Црна Гора

Подгорица, 30 јуни 2024 (МИА) - Собранието на Црна Гора пред два дена усвои Резолуција за геноцидот во Јасеновац, а нејзината содржина е објавена на страницата на Собранието.

Во Резолуцијата стои дека според непобитните докази, основан е концентрационен логор на смртта во Јасеновац во кој во периодот од 1941-1945 година биле мачени и убивани Срби, Евреи, Роми, Хрвати како и припадници на други народи.

Понатаму се наведува дека одговорноста може да биде исклучиво индивидуална, како и дека ниту еден народ не може да биде означен како геноциден или злосторнички.

„Со длабоко сочувство кон жртвите на геноцидот во Јасеновац во текот на 1941-1945 година, признавајќи дека во 2025 година ќе биде осумдесетта годишнина од овој ужасен злостор, а препознавајќи дека на 22 април 1945 година логорот на смртта во Јасеновац беше распуштен и на тој ден последните затвореници беа убиени. Собранието на Црна Гора, водено од Повелбата на Обединетите нации, Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид одлучува да посвети посебно внимание на комеморацијата и осудата на злосторствата извршени во овој логор на смртта“, стои во Резолуцијата.

Собранието утврди дека 22 април ќе биде официјално признаен како ден на сеќавање на геноцидот во Јасеновац, кој ќе се одбележува секоја година.

„Собранието на Црна Гора го осудува секое негирање на геноцидот во Јасеновац и повикува на зачувување на сеќавањето на тие трагични настани преку образовни програми и активности кои ќе спречат било каква форма на ревизионизам“, се наведува во Резолуцијата.

Собранието преку Резолуцијата се обврзува дека активно ќе придонесе за зачувување на сеќавањето на жртвите на геноцидот во Јасеновац и ќе промовира толеранција, разбирање и борба против сите форми на омраза и дискриминација.

„Се поттикнува одбележувањето на 22 април како ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Јасеновац што е извршен во текот на 1941-1945 година и Собранието секоја година ќе испраќа делегација која ќе учествува во програмите за комеморација.“

На крајот, Собранието на Црна Гора ги охрабрува државните органи на сите нивоа, Претседателот на Црна Гора, граѓанското општество, вклучувајќи невладини организации, академски институции и други релевантни страни, да го одбележуваат 22 април, вклучувајќи организирање посебни настани и активности во сеќавање и чест на жртвите на геноцидот во Јасеновац. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан