• понеделник, 23 декември 2024

Штип повторно објави повик за градски превоз

Штип повторно објави повик за градски превоз

Штип, 6 септември 2022 (МИА) - Општина Штип го објави вториот јавен повик за избор на превозници кои ќе вршат општински линиски превоз на патници.

Предмет на јавниот повик е доделување пет линии за вршење општински превоз, а ги содржи условите за учество на превозниците, начинот на поднесување пријави и критериумите за избор на најповолна понуда. Новиот повик е изменет и содржи неколку новини, со цел да заживее градскиот превоз во Штип. 

Дозволите за вршење превоз за линиите од 1 до 4 се доделуваат за времетраење од пет години, а субвенционирањето се врши на месечно ниво и е 30 или 80 денари по изминат километар во зависност од тоа дали со линијата е опфатен превозот на ученици или не.

-Превозниците кои ќе добијат субвенции се должни да обезбедат бесплатен превоз на корисници кои имаат право на гарантирана минимална помош и на лица со попреченост. Јавниот повик за доделување на линија или пакет линии се смета за успешен и во случај ако биде доставена најмалку една понуда што ги исполнува сите услови и барања предвидени во документацијата за Јавниот повик, стои во повикот.

Во тендерската постапката се наведени условите кои треба да ги исполнат превозниците. Краен рок за поднесување на пријавите е 19 септември до 12:00 часот, а јавното отворање на понудите ќе биде  истиот ден во 13:00 часот. Носителите на дозвола за општинскиот линиски превоз ќе го вршат и бесплатниот превоз на ученици по цени и на начин утврден од Советот на општината. вдј/хс/

Остани поврзан