• четврток, 19 декември 2024

Штип објави повик за стипендирање на дечиња со пречки во развојот кои ќе се запишат во прво одделение

Штип објави повик за стипендирање на дечиња со пречки во развојот кои ќе се запишат во прво одделение

Штип, 30 ноември 2023 (МИА)  - Децата со пречки во развојот кои учебната 2024-2025 година ќе бидат првачиња, имаат можност да добијат стипендија.

Снежана Санева раководител на Секторот за образование во Општина Штип денеска изјави дека Општина Штип го објави јавниот повик на кој треба да аплицираат нивните родители, а кој подразбира стипендија во износ од 2.000 денари за девет месеци.

-Ги повикуваме сите родители коишто имаат дечиња со пречки во развојот, а наредната учебна година треба да бидат првоодделенци, да поднесат апликации и да бидат корисници на стипендијата. Инаку, износот на стипендијата е 2.000 денари месечно и истата ќе биде давана од септември до мај, износот на парите ќе биде исплаќан квартално, на секои три месеца, со тоа што родителите ќе имаат обврска да поднесат краток извештај за тоа дека децата се редовни ученици во образованието, вели Санева.

Посочи дека целта на стипендирањето е децата со пречки во развојот да бидат опфатени во редовната настава, а на родителите да им се помогне во покривањето на дел од трошоците. Дали средствата ќе се наменат за превоз, терапии, како што се логопедска или дефектолошка, набавка на помагала или, пак, ќе имаат друга намена за тоа ќе може да одлучат родителите.

-Се однесуваат, како што кажавме веќе, на деца со пречки во развојот, тие може да бидат физички и психички пречки, значи деца коишто имаат проблеми со видот, може да бидат слабовидни и слепи лица, потоа пречки со слухот, глуви и наглуви лица, деца коишто имаат проблеми со говорот, потоа дечиња коишто имаат физички пречки во развојот, интелектуална попреченост, може да биде лесна, умерена, тешка и длабока попреченост, потоа деца со хронични болести, како и деца со комбинирани пречки во развојот, изјави Санева.

Апликантите на овој јавен повик не треба да бидат корисници на друга стипендија од друга институција или од приватен сектор, но со добивањето на стипендијата нема да го изгубат правото на добивање гарантирана минимална помош. вдј/свс/

Фото: МИА

Остани поврзан